За клубот


Алпинистички клуб МАТКА од Скопје е првиот алпинистички клуб во Република Македонија. Формиран е кон крајот на Шеесетите години од минатиот век како логична еволуција на алпинистичката секција при тогашното градско планинарско друштво. Основачи на клубот се доајените на современиот македонски алпинизам меѓу кои секако најмаркантни се имињата на Јован Ангелов – Циго, за кого слободно можеме да кажеме дека е татко на современиот Македонски алпинизам и за кого во иднина на оваа страна ќе можете да прочитате повеќе текстови.

Во изминативе петнаесетина години со клубот раководи Костантин Циривири, најискусниот алпинистички инструктор во нашата земја, ментор на современите генерации во македонскиот алпинизам.

Во текот на својата историја а и денес алпинистичкиот клуб МАТКА е столб на Македонскиот алпинизам. Најголемиот дел од позначајните имиња во алпинизмот се школувани во клубот МАТКА. Под менторство на клубот и денес работат поголемиот дел од алпинистичките секции во нашата земја.

Членовите на алпинистичкиот клуб МАТКА беа организатори и учесници на најзначајните алпинистички збиднувања во историјата на македонскиот спорт. Меѓу позначајните би ги наброиле:

– Првото македонско искачување на насоката Чопов столб во Северната Триглавска карпа од страна на Јован Ангелов – Циго;
– Првото македонско учество на тогашен сојузен (југословенски) селективен табор за хималајската експедиција на Kangbachen на хималаите, од страна на Владо Андреевски – Пајо;
– Првата успешна македонска експедиција на Mont Blanc;
– Првата успешна македонска експедиција на Matterhorn;
– Првата успешна македонска експедиција на Kilimanjaro и Mount Kenya;
– Прв македонец учесник во хималајска експедиција – Јован Попоски учесник во хималајската експедиција во јужната страна на Lhotse 8540м;
– 1982 година – Прва самостојна македонска алпинистичка експедиција во Јужна Америка – Huascaran и Chopicalki – успешни искачувања и на двата врва;
– 1984 година Македонска експедиција во Памир на Пик Комунизам 7495 метри – успешни искачувања на врвот;
– 1986 година Македонска експедиција на Хималаите на врвот Manaslu 8163 метри – излегување и престој на Јужното седло на 7400 метри и неколку дневно чекање заради лошо време;
– 1989 година Македонска експедиција на највисокиот врв на светот Mount Everest 8848 метри – искачување на врвот од страна на битолскиот алпинист Димитар Илиевски – Мурато, инаку член на планинарското друштво “Пелистер” од Битола;
– 1994 година Македонско искачување на источната карпа на Grand Capucin 3830 метри, во европските Алпи, масив на Mont Blanc;
– 1998 година Прва македонска зимска алпинистичка експедиција во европските Алпи во рамките на подготовките за Inernational Mount Everest Cleaning Expedition;
– 1998 година Македонска алпинистичка хималајска експедиција “Димитар Илиевски – Мурато, како дел од Inernational Mount Everest Cleaning Expedition, која имаше за цел симнување на телото на македонскиот великан Диме Илиевски од падините на Еверест;
– 2006 година Македонска алпинистичка експедиција во масивот на Mont Blanc;
– 2006 година Македонска алпинистичка експедиција, обид за искачување на Северната страна на Matterhorn во Алпи-те. Откажување заради лоши временски прилики.

Експедициите и врвните алпинистички достигнувања не се случајност. Тие се плод на ситематската и темелна работа во сите аспекти на алпинизмот, а пред се на полето на квалитетната алпинистичка едукација на која што во клубот МАТКА одсекогаш сме обрнувале големо внимание.

Нашата девиза гласи: “Сите достигнувања во алпинизмот се резултат на човековото дејание”. Затоа кај нас на прво место е ставена грижата за едукација на квалитетни алпинисти. Било која активност во алпинизмот, без оглед на тоа дали станува збор за врвна експедиција, тешка првенствена насока, уредување на алпинистички локалитет, пишување стручна литература, работа со почетници и сл, сето тоа произлегува од луѓето. Луѓе со воспитување, со карактер и со врвна алпинистичка обука. Ние во МАТКА сето тоа сме го имале, го имаме и ќе го имаме и во иднина. Да се изгради алпинистичка кариера е многу тешко, но да се изгради алпинизам е сто пати потешко. Затоа пак кај нас остануваат само најквалитетните, оние со знаење, умеење и визија за иднината на македонскиот алпинизам.

Leave a Reply