Планинска Трка, Трескавец

Како по обичај никогаш не излегува онака како што си планирал. Таков обичај истерав викендов. Едноставно е, сакав да бидам подобар од она што бев претходно. Не беше тоа само желба, туку упорност и многу работа.  Бев спремен да платам некоја цена ако има потреба, а имаше, и си ја платив.

Крале Марко бил последниот крал кој владеел  во големиот дел од Македонија пред вековната власт на турските султани. А Маркови Кули е локалитет кој се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во непосредна близина на градот Прилеп. Исто така манастирот Трескавец, познат како Света Богородица сместен е на 10-тина километри од Прилеп на падините под врвот Златоврв.  Токму во овој предел беше организирана и трката.

Планинска трка – По стапките на Крали Марко – 2011
Должина : 16 km
Висинска разлика : +770 m / -770 m
Старт во 9 часот пред ман. Трескавец (1250 m)
Цел : пред ман. Трескавец (1250 m)
Просечен успон / спуст: +9 % / -9 %
Максимален успон / спуст: +45 % / -27 %

На 1 Октомври дел од Алпинистичкиот клуб Матка тргнавме кон Прилеп како натпреварувачи околу 8 часот наутро. По кратка прошетка низ Маркови Кули стигнавме до Манастирот Трескавец каде што бевме сместени таа вечер. Планот беше дента да се искачи врвот Златоврв и да се помине техничкиот состанок на организаторот на трката и да ни се поделат убави маици за трчање со логото на трката како спонзорство. Супер маици! Наредниот ден (2 Октомври) стартуваше трката некаде околу 9 часот наутро. Теренот за трчање и околината беа прекрасни. Изобилуваше со убави пејсажи и многу тутунски полиња покрај патеката која дефинитивно беше искуство кое треба да се доживее.

Трката стартуваше доста брзо, темпото беше дури превисоко за следење што и беше за очекување со оглед на неискуството на дел од учесниците. Некаде после 5-тиот километар теренот се спушта и удолници веќе не постојат, тука беше и мојата тактика. Бев во група ТОП10 се додека не се активираше мојата мала повреда на левата нога. Тука пропаднаа сите шанси за добар пласман. Бев силен и брз, но повредата направи да се чувствувам како вистински аматер. Во буквална смисла на зборот. На делот каде што нагибот се зголемува, односно големите угорници, тука бев неприкосновен и се доближив на онаа втора група од тркачи која ме помина некаде на 10-тиот километар.  Залудно, наредната удолница и рамниот терен бев приморан да одам пеш место да го „прошишам“ тој дел.

Завршив 19-та позиција од 34 учесници.
Александра Герасимова освои бронзен медал во женска конкуренција.
Јордан Aтанасовски 10-та позиција.
Резултати 

Очигледно системот и обемот на тренинзи кои ги имав не беа фокусирани на „брзински“ трки. Целиот тренажен процес ми беше фокусиран на издржливост и долги дистанци т.е. преку 25 километри.

Научив многу работи,  запознав многу тркачи и победници.
Одам напред према Lavaredo Ultra Trail 2012, 120km 6000m D+

П.С. Прилепчани ги крадеа знаменцата за маркација на патеката што придонесе до губење на неколку тркачи.

Здравко Спасев, АК Матка.

[nggallery id=2]

Leave a Reply