Камена Баба – Прилеп

Утрото на 6 ноември не пречека навидум обично и облачно, неделно . Тоа не беше според планот затоа што се имавме “договорено” со сонцето да се чекаме некаде кај Прилеп, за да одиме на качување во за мене нов локалитет, Камена Баба. Од Скопје тргнавме јас, Светле, Алек, Круно, Игор, Весна, Александар и Елена, а таму се најдовме и со Охриѓаните.

По околу километар пешачење стигнавме до делот од карпата која има пократки насоки и веднаш се поделивме во наврски. Следува стандардниот дел на размена на опремата,разговори,смеење… и одеднаш мир.

Ги слушам само френдовите на Весна кои тропкаат додека таа тргнува во Овчарски. Едвај дочекав да викне: “Подготви се и тргнувај! “. Најверојатно затоа што до сега никогаш немам пробано качување целосно во чист стил, а можеби и затоа што ми беше многу ладно. Како и да е, карпата ме тераше да испробувам нови варијанти на стандардните движења, да се поставам на начин различен од качувањето на Матка, без проблем да одам на триење, и без страв од одрони. Само цврст гранит. Едноставно карпата ме тера да бидам свесна и присутна, сега и тука.

Потоа следеше краток абзел, насоката Претседателот, пауза за јадење и чај. Токму кога мислевме дека од сонце нема да видиме ни С, се појави баш кога ни требаше – на Sunny Crack. Насоката, во споредба со претходните кои ги качувавме дента, ми изгледаше многу потешко, иако техничката тежина не е повеќе од V – V+. Се состои од сосема нова техника за мене, со заглавување на рацете до лакт во две паралелни пукнатини. Околу, карпата е сосема рамна, без можност за варијанти. Во првиот дел има, како што рече Весна – дрво кое дава отпор, како да си во превис. Сепак, преубава насока, особено погледот од горе на целиот локалитет, кој освен качувачки, веројатно е и археолошки, според знаците кои укажуваа на живот на некоја стара цивилизација.

Изгледот на целото место пред самрак има посебна убавина, дава чувство на исполнетост, прави да не сакаш да си одиш. Тоа и потешките насоки на другата страна од “Камената Баба” се предизвик повеќе да дојдам пак што поскоро.

Ана В.

Галерија:

[nggallery id=6]

Leave a Reply