Челичење

 29.12.2011. Денеска станав во 7 саат сабајле. И покрај тоа што не си легнав рано како што планирав и имав отспиено само 4 саати, не сакав да му откажам на Никола за одење на Матка. Колку што надвор беше ладно – толку јас бев “загреан” за качување. Се договаравме да ја качуваме “Франгова”, а идејата да качувам тешка насока во зимски услови некако ми правеше филм дека полека станувам сериозен алпинист. Го натоварив плавиот Ферино ранец со основна лична опрема и искочив од дома. Гостиварецот (Никола Андоноски) го почекав неколку минути пред да се појави кај Макпетрол бензиската на “Партизанска” и оттаму тргнавме накај Матка. Застанавме по пат во Ѓорче да купиме некое пециво, а на горниот паркинг кај браната стигнавме негде околу 9 саат. Кај манастирот Шишевски мислам дека бевме околу 9 и 15. Таму го видовме Жаре, кој собираше метален отпад. Матка изгледаше прекрасно, целата прекриена со слана и малку магла – едноставно имаше некој мистичен изглед. Многу ми се качуваше. Се напив малку чај (веќе јадевме на паркингот), па направив кратка медитација во една од “самиците” (секогаш ми помага да се релаксирам). Кога тргнавме надоле накај почетокот од насоката, пред вецињата приметив дека водата што обично цури под самите врати е замрзната. Мене веќе ми беше прилично студено на нозете и малку се плашев како ќе ми биде кога ќе облечам патики за качување, ама од друга страна си реков малку челичење нема да биде на одмет – сигурно ќе се адаптирам.

   Се договоривме со Никола тој да го води првиот цуг. Уште на самиот почеток почнав да мрзнам и ги пцуев моментите кога ќе дувнеше малку ветер. А се пцуев и себеси што си заборавив ракавици. На прстите на нозете ми беше ладно и како да ми се вкочануваа, но си велев дека ќе биде подобро штом почнам да качувам и ми се разработи циркулацијата. Додека јас мрзнев, Никола тешкиот дел од првиот цуг го тераше клин по клин – ќе укопча, па ќе одмори малку. Кога го пројде тој дел, баш пред самото сидриште, кај што веќе е колку-толку полесно, ми викна “ПАЗИ!” и, како го кренав погледот само го видов како “летна” надоле. Јажето ме повлече така што ме плесна за карпата. Минимум 8 метри ги прошиша. Го прашав дали е добар и ми одговори со едно “одлично”, пропратено со неколку пцовки. Но мене тоа не ме смири. Ми се причини како да удри со грбот од гребенот и си мислев дека е повреден, но дека од напливот на адреналин не го осеќа тоа. Почна да се нервира – кој ќе го качува пак тој дел! – и му одговорив да не се заебава и да се се истегне по јажето. Постапи така и брзо после тоа беше на сидриште викајќи да ослободам јаже. Ако денот (качувањето) не успеав да го познаам по утрото, тогаш дефинитивно го познав по облекувањето на патиките за качување. Прстите ми беа толку смрзнати што ми се чини ми требаше цела вечност за да си ги врзам врвците. А потрошив и едно 5 – 10 минути пред да почнам со качување во триење на рацете. Кога тргнав нагоре, на почетокот немав некои проблеми. Освен што ми беа смрзнати прстите и на раце и на нозе. Но самата насока ми делуваше лесна. Веројатно затоа што е лесна додека стигнеш до делот кога веќе не е. Еден дел од карпата(со окер/кафеава боја) едноставно – со мојата физичка (не)подготвеност и силниот студ – ми изгледаше како научна фантастика да го пројдам слободно. Од тој момент веќе не ми личеше на качување тоа што го правам, туку на очајно обидување на некое животно да се ослободи од ловџиска стапица. Малку ќе се поткренев, ќе му викнев на Никола да ме затегне и ќе виснев. И така, малку по малку, стигнав до сидриште. Никола ме праша дали сакам да продолжам да го водам следниот цуг на “Франгова”, но не ми требаше многу мислење за да му кажам да се префрлиме на “Ветерански”. И одма појдов. Позната должина која секојпат без проблем сум ја проаѓал слободно, сега се фатив себеси како се мачам да излезам на крај. Студот и слабото спиење си го направија своето – неколку погрешни движења и на двапати се најдов во лоша положба што да морав да се спуштам за да се одглавам и да можам да продолжам. Но, сепак го пројдов тој цуг слободно. Како и тој после кутијата…

03.01.2012. Почна нова година. Си ја честитавме со Никола преку Фејсбук, а притоа ми спомна дека официјално ние ја затворивме качувачката сезона од претходната. Го прашав дали е расположен да бидеме истите и што ќе ја отворат за оваа година, но испадна дека не ме чекал за тоа. Нормално,  не бев изненаден. Си го вратив филмот од пред неколку дена кога качувавме и се сетив како се вратив тој ден дома со модри палци на нозете и како ги масирав под млаз ладна вода… Можеби го заокружив крајот на годината со малку ноншалантно однесување(благо кажано), но еј – затоа почна нова година и можност да се направи подобро од претходната. Им посакувам на сите СРЕЌНА НОВА ГОДИНА исполнета само со здравје и со многу успешни искачувања – како алпинистички така и професионални, духовни и полни со љубов!

-Виктор.

One thought on “Челичење

  1. Александар Зарапчиев

    одличне текст, и одлично искуство.. тоа е тоа, што си помислил тоа стануваш Виктор.. Среќна нова 🙂

Leave a Reply