Луси на небото со дијамати

Ќе беше поубаво тексотов да почнуваше како дијамандското небо на Луси, со мандаринови дрва и небо од мармалад. Но, ќе мора да се задоволите со опис на небо, кој што може да се најде во слаткарница, густо ко шлаг на шампита. Какво и да беше времето ништо не не спречи да гризнеме од „шампитата“ и да тргнеме накај ладната Малта – оваа се наоѓа во Австрија…

           Со шлагот размачкан по нашите лица и фантагоризми за австрискиот мраз полека, но крајно решително почнавме да се тркаламе по асфалтот. На ретровизорот не можев да го видам ни Жика, а камо ли плавиот „Голф“ на Ристе. Не можев да ги гледам не од вообичаените причини – колата ми е секогаш прљава толку што едвај успевам да не се извалкам кога и да влагам во нејзе; туку овој пат, сосема очекувано, поради опремата која што буквално беше уредно расфрлана низ целиот ентериер. Тоа и не се покажа како толку лоша идеја, затоа што на Круно „пластиките“ ми дојдоа како удобен потирач за десната рака, онаа со лактот што неуморно лебди над мењачот. Монотонијата од возењето по т.н. автопат до граница, ја разби озлогласената Грданичка клисура. Лошата репутациај на клисурата беше крајно компромитирана од снегот што беше секаде околу, освен на патот. До Љубљана стигнавме преку некогашниот „Братство-Единство“ аутопут како лет, „лет над кукавјичкото гнездо.“ Така супер и брзо помина се, од едноставна причина што во пресрет на нашата шоферска одисеја се попречија радио станиците што ги имавме поделено по коли. Секако би било безобрано и тоа крајно, ако од моја страна во оваа прилика не истакнам дека нашиот дисперзиран (во Штип), Жика имаше голем удел со неговите досетки и препирки, и секако, Здраве кој што ја испочитува станицата како политичар на митинг (извини Здраве!).

            Нејсе. Во Љубљана сме. Беше едвам 21 часот, а градот спиеше како месечево кравајче на Северен пол – мирно и многу досадно. Како и да е, кои сме ние да ја коментираме европејската култура и нивните месечарски амбиции… Меѓудругото низ гратчево имавме шанса да ги исползуваме можностите на GPS апликација кај Ристе во телефон. Инаку тоа беше еден од ретките моменти кога не ја пцуев поради неточното наведување. Она што ми  остави најголем впечаток од Љубљана, покрај тоа што си купив патики за качување по 6-7-ми пат, е симпатичната Турчинка на рецепцијата во хостелот каде што преспавме. Сега има една голема елипса (скокање на време)  од целата ноќ, не, не е поради вообичаени околности, немаше користење на алкохолни супстанци, туку спиевме длабоко до сабајлето, дури до 6 и 30, цирка… Пред мене виси на вратата од собава една ќеса од „Иглу Шпорт“ – продавницата од каде што Цеко си купи пантолони, а Ристе и Здравко ракавици, плус и уште една клупска лопата. Ништо битно, само се фалам.

            После Љубљана продолживме директно до Малта. Како што продолживме, директно, така и стигнавме – директно! Малта е едно обаво местенце сместено во Југо-Западниот дел на Австрија со прекрасна природа и пејасжи од разгледница. Колку и да биле воодушевувачки природата и пејсажите, ние не им обрнавме посебно внимание; од една страна сме виделе полно разгледници, а од друга страна многу побитно ни беше да најдеме место каде ќе спиеме. Уф тоа барање на престојувалиште! Како полски глувци во доцна есен се пикавме по секоја дупка низ целата долина на Малта со надеж дека ќе најдеме пристојно преноќувалиште со пристојна цена. Проблемот беше во тоа што немаше баш „дупки“, а цените беа далеку од пристојни. Се разбира, раскажувам за хотели со хотелски цени. Ишамарани од фактичката ситуација баравме и летни кампови каде што би се шверцувале со нашите шатори… некој мудар човек пред многу време роден рекол дека надежта последна умира. Тогаш тоа беше и се што имаме – надеж! Продолживме да бараме понатака по патот. На само неколку километри од мразевите нашата надеж замираше како Халиева комета, следен пат ќе се појавеше после 72 години.

Тогаш го видовме и првиот мраз, монументален водопад со неспоена завеса, па за да ги задоволиме нашите емотивни потреби и качувачки пориви подзастанавме да го буљиме, и баш тогаш Жика наш прочита некаде табла со знак „ЦИМЕР“, додека им јавиме на другото возило, Ристе ни јави друга табла со исти знак. Две коли, два знака, се поделивме и секој по својот знак. Е оној на Ристе посочуваше кон некаков си „дом“ со нељубезни домакини и ич место… Овој на Жика не однесе до една огромна куќа, со огромна штала и огромни две кучиња. Не, сериозно огромни кучиња, луѓе мои поголеми од најголемата џукела што сум ја видел во Маврово и Шар Планина заедно. Изгледаа како магариња на стероиди, дури едното од нив изгледаше како квазимодо – имало некаков тумор. Да се вратам кон огромната куќа со огромна штала. Влеговме културно како и секој намерник во куќата и се појави една насмеана тетка со која што конверзацијата се одвиваше прилично тешко. Не, оваа не се лигавеше како старецот во „домот“ на Ристе, само не знаеше Англиски, а ние од Гермасни знаеме само соба и сендвич… Бидејќи си побаравме соба за 6 луѓе, тоа и добивме, не спиевме во шталата. Кога ни ги покажа собите мислам дека во тој момент бев повоодушевен од собите него од мразевите.

Собата немаше мини бар, сателитска и интернет – само изгледаше премногу уредена и влеваше чувство на хотелска соба на Хаваи; за една куќа на фарма,мене чудно, но барем јас тоа така го доживеав. Го собравме и другиот дел од експедицијата и како вистински алпинисти комотно се вдомивме во топлите соби. Тетката ни покажа каде може да ја сушиме опремата после качување, одма и стана јасно зошто сме тука, додуша и не им бевме единствените гости во тој момент/недела.

Кога го решивме и тоа гајле, кога си се изнасмеавме за лежалките, вреките и шаторите со Круно се стрчавме со колата да купиме и водич за насоките. Е сега се чувствував како коцка мраз во шејкер. Тоа беше коктел од еуфорија, емоции (од кои девојчиња плачат по филмови), страст, неисчекување и, и…јасна ви е сликата де. Успеавме конечно да се договориме кои што ќе качуваат следниот ден. Ги поделивме присобраните тубуларци, останатата опрема, јажињата и си се раскомотив во новиот ми кревет, демек нешто ќе читам. А бе одма заспав!

            Сабајлето последен станав, чисто од бунтовнички причини. Протестирав бидејќи не наоѓав логика да станам во 5 и 30, ако треба да почнеме со качување во 8 часот. Утрото го тегневме доволно долго и конечно тргнавме кон мразевите. Додека пешачевме кон првите насоки што треба да ги качиме, мислам дека се подмочав малку, како кученце, од среќа, иако претходно се осигурав дека сум комплетно празен за да немам инциденти во насока. Значи три наврски, две насоки. Круно и Здравко влегоа во Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m), а јас и Жика, Цеко и Стариот во Aluhol (WI3, 180m).

Според водичот, ова што го читате како оценка, го одбравме како нешто полесно да се привикнеме на теренот, мразот итн. итн. Се е тоа супер само што поради недоволно мраз на терен и не беше баш така, беше за нијанса потешко, само до една оценка или пола, плус. Како и да е, прв тргнав јас, и бајаги се изнамачив. Она што според водачот како пристап требаше да биде замрзнато, е па не беше. Место качување на мраз влетавме во класично балванарење, од балван на балван преку тазе паднатиот снег. После 200 метри стигнавме до мразот, вистинската насока. Се собравме сите четворица и почнав јас. Беше некоја си двојка првиот цуг, со по тек-таму некое скокче, ништо страшно. Тука најмногу ми се направи мерак кога се усидрив на чок, за кој сите иронично ме прекоруваа зошто го зимам (по нашки заебаваа!).

Имаше уште еден таков цуг и после дојде она што требаше да биде тројка… Тие триесеттина метри убаво се измачивме сите четворица. Објективно не беше повеќе од четворка, ама мене лично повеќе ме збуни и исплаши отколку што технички ме измори. После овој цуг и уште еден-лесен, влеговме во еден бајаги мокар, со техничка оценка 3. Следниот поради реални, тубуларно-мокри причини не влеговме – мразот беше премногу мокар и мек за да издржи пад на тубуларец, а карпа и некое дрво немаше вдолж целиот цуг. Додека ние се спремаве за надоле, на два цуга под нас дојдоа Круно и Здраве, па сите заедно си направивме абзел.

По пат до дома, дома и целото преостаното време од квечерината го поминавме како стрини раскажувајќи ги доживелиците од дента. Мошне инспиративно, мора да признаам. Пред да легнеме се договоривме и што ќе качуваме утре дента и дека ќе го бојкотираат мојот штрајк, морало порано да излеземе од дома и порано да влеземе во насоката!

            Утрото така и започна, со брутален бојкот на мојот штрајк и задушување на мојот бунтовнички сон. Стигнавме доволно рано пред Strannenbach (WI2-3, 400m), кој беше прилично влажен. Колку и да беше мразот влажен, ние бевме далеку понапалени и решивме да ја качуваме левата варијанта од насоката. Паралелно тргнаа наврските на Ристе и Цеко и Здраве и Круно, додека они качуваа, а ние чекавме се здобив со некои расекотини по носот и усната. Доволно големи колку да се жалам, доволно мали за да зараснат додека ме види мајка ми. Качувањето се одвиваше супер се додека Ристе малку не го боцна едното јаже. Сега пак, супер одеше кратењето на јажето и нашата јанѕа… потоа качувањето повторно продолжи супер.

Сидриштата беа на јасни и предвидливи места, мрзот во погорните места беше поцврст. Цуг за цуг во нашето познато и весело друштво, се до моментот кога мразот беше премногу стопен и мокар за да продолжиме нагоре. Кога нема нагоре единствена опција е надоле, со изверзираниот систем на групно абзелување, со брзина на елеватор се спуштивме до доле. По пат имавме прилика да направиме муабет со други качувачи, од кои излезе дека едните дури ни се и цимери во огромната куќа. Кога излеговме од насоката, а излеговме според планот, имавме доволно време за рагледување, а и доволно малку за да качиме уште нешто. Сепак времето не беше залудно потрошено, научивме доста за положбата и состојбата на останите мразеви. Видовме еден доста импресивен мраз, во кои имаше двајца качувачи. Мене таа глетка ме направи љубоморен. И денеска процедурата до дома и низ дома помина исто како и претходниот ден.

Е овоа утро, пак мојот штрајк беше актуелен, и се исплатеше. Не истрчавме толку рано. Утрото го мезевме како што сонцето полека ги мезеше степените на термометарот, како што Ристе си го мезеше намазот со лук, како што Бетовен (кучето-Квазимодо) си ги мезеше бисквитите. Колку што Бетовен имаше заборавено дека е куче, ние така рутинирано излеговме кон новиот предизвик за денот. Тргнавме кон мразевите кои што имавме шанса да ги видиме претходниот за да ни влезат во глава. И тоа како ни влегоа… Круно, Здраве и Жиле влегоа во Mittlerer Maralmfall (WI4+ 200m). Влегоа такви какви што се, а само Круно излезе со нов прекар – Алабаков, во чест на јазолот „Абалаков“. Приказната се развива така што Круно доаѓа до момент каде што мразот е со пропорции на „циганска хартија“ и единствена варијанта е абалаков, Круно го промаши малку, за среќа само името! А ние останите качувавме една насока која што е несомнено поврзана со мојта љубомора. Во принцип не сум љубоморен, ама ме држи додека не си го истерам инаетот. Сега инаетот се преклопуваше со меракот, кон кој што се придодаде и Цеко. Влеговме во насокта што ја видовме претходниот ден со име и опис Vorderer Maralmfall (WI3 – WI5 80m).

Цеко го водеше првиот цуг, од проста причина што не сакам рампи, вторите два ми припаднаа на мене. Целото искуство можам да го опишам едноставно само како Rock&Roll , искуство кое обично се доживува на концерти под дејство на сомнителни супстанци (не сум пробал само сум прочитал, мамо!). Додека ние го доживувавме нашиот рокенрол концерт, Ристе беше доволно љубезен да го докуметира со видео и фото целото качување. На крајот на таа рокенрол доживелица развивме и Македонско знаме…од оваа временска перспектива и не ми е баш јасно зошто…Цеко сакаше дипломатски пасош! За да му кажам фала на Ристе,  но и да го пролонгирам гореспоменатото доживување и ние двајцата влеговме во истата насока кај Круно,  со разлика од едно „алабаково искуство“. В куќи квечерината течеше иста приказна, само што сега куќата замириса на кајгана со пола кило сланина, а за Круно и Жика – само на кајгана…

Мислам дека следнава изрека ми е од партизаните: „Ново утро, нова борба“. Па и да не е, ние си имавме наша „борба“. Ова „борба“ ме наведува да напоменам дека мојот штрајк и ова утро беше залуден. За да има антагонист, мора да има и протагоист, а ова утро од антагонист во приказнава, станав протагонист на самиот себе; сите групно станаа последни! Утрово го истегнавме толку долго, што почна да личи на чаталот на дедо ми Роко. Најадени, напиени тргнавме по добро познатиот пат за да си се закачиме секој на својот мраз. Здравко и Круно за „нивен“ мраз го одбраа Strannenbach (WI2-3, 400m),овој пат десната варијанта. Ги оставивме нив под него, а ние како искусни џаболебари вртевме околу мрзевите додека да се одлучиме како ќе ја запечатиме оваа акција. По доволно долго шпацирање по „лизгалиштето“ се одлучивме за првата насока на Круно и Здраве, Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m), само затоа што Здраве цело време кога ќе му се спомнеше насоката бликаше од ќејфови! Поучени од претходното искуство, кога пристапот беше целосно балванарење, сега тргнавме голи, без дерези кон насоката. Првите проблеми ги имавме во пола насока, кога веќе мораше да се наоружаме во полна спрема. Да добро прочитавте, до пола насока, за неколку дена само толку и остана од насоката.  Не дозволивме тоа да ни го расипе расположените и качивме колку што можеше, го извадивме максимумот, го исцедивме мразот, остана само за во чаша бурбон…

Со тажен поглед како во стар шлагер и полно срце се спакувавме вечерта за на пат, но сега накај дома, дома во Скопје и Штип! Осамно и ова утро, осамнавме и ние пред колите, се поздравивме и изгушкавме со тетката со ветувања за да се видиме догодина пак. А бе испраќање ко испраќање, исто како во летувалиште во Претор или во Шула Мина – Крушево. По пат застанавме и во локалниот Супермаркет да поткупиме нешто за по дома, некое сувенирче…Е да, Жика си го заборави виното кај мене во кола, супер вино! Нејсе. Тргнавме со намера да преспиеме во Загреб, за да ги избегнеме временските (не)услови. Пред Загреб, решивме дека ќе тргнеме нај Белград, па таму да преспиеме. И да, пред Белград решивме дека ќе одиме за Скопје, па таму да преспиеме… Испадна на крај дека временските услови се непогодни за возење само кај нас. А бе дома си е дома!

Во релативно, кратки црти вака некако изгледаше нашето излагање во Австрија. Секако има уште еден цел ферман непишани препирки, случувања, анегдоти, кои останува да се раскажуваат на следната акција, следниот табор, под некоја карпа во скоро време и после многу години…

Фала ви на читањето, поздрав со љубов, Ико.

P.S. Доколку очекувавте или сакате, краток извештај еве ви линк: http://www.macf.mk/index.php/2010-12-02-12-24-56/154-2012-02-20-17-24-13

4 thoughts on “Луси на небото со дијамати

  1. Pingback: Луси на небото со дијамати | Sportway

  2. Veljan Kostovski - Bitola

    Cestitam decki, odlicna avantura vo funkcija na zbogatuvanje na iskustvata, a isto taka komplimenti i za stilot na opisuvanje pod sekoja od fotografiite. Vi pozeluvam mnogu uspeh i ponatamu.

    • Mitko

      Site komplimenti makedonski momcinja. Prosto se iznenadiv koga go poglednav seto ova Vase patesetvie. Se goream so Vas i Vasata hrabrost. Istoto zname sto go imate so vas go imam i jas! Sekogas e so mene. Sekogas ke bidam so vas i Vasite ponatamosni uspesi.
      Mitko Kikerekov

  3. Бобо

    Икичко Мајсторе, не знам дали ти е дарбата за пишување од Наде или од Јасмин (мислам дека и двајцата се подеднакво „виновни“), ама поради твојава репортажа ја „утнав“ Арсенал – Милан, а како да слушнав дека е 3:0! Елем, Малнар и компанија може да ти носат вода (опа бато!), а јас со нетрпение ја очекувам твојата следна дестинација. P.S. Им порачувам на горенаведените да те кљукаат со „витаминчики“ (позната варијанта „стари, дај пари“).

Leave a Reply