Чистење на олабавени блокови на Матка

Чистење на лабави блокови на Матка
По пријавувањето од страна на неколку наши членови, дека во делот во третата должина на алпинистичката насока „Циго“, каде што веќе се имаше случено одрон, е приметено постоење на поголеми лабави блокови кои претставуаат голема опасност за алпинистите при искачувањата, но и за посетителите на Матка кои од езерото се движат по патеката кон манастирот Св. Никола, денес беше организирана акција за проверка на теренот и чистење на дел од постоечките опасности.
Во споменатиот дел беше приметено дека поголем дел од теренот се состои од блокови кои стојат „сами на себе“ и кои како и претходните – или можат да паднат сами од себе (како што беше случај веќе со споменатиот одрон) или можат да бидат намерно/ненамерно бутнати при искачувањата од страна на алпинистите. Мораше да се интервенира превентивно и да се заштитат алпинистите, но и многуте рекреативци кои ја користат патеката кон Св. Никола, а чиј број со зголемувањето на температурите и ќе расте во следниот период.
Претходно објавените фотографии на нашиот профил покажуваат дел од активностите: беа отстранети блокови околу сидриштето кај кутијата, под превисот на алпинистичката насока „Ветерански“, а пред се’ и тие во втората половина на третата должина на „Циго“. При отстранувањето на блоковите се водеше голема грижа истите да не ја оштетуваат карпата при својот пад и дополнително да направат проблеми во долните делови. Исто така, акцијата беше организирана во работен ден, кога не се очекува присуство на рекреативци во тој дел од локалитетот, но сепак и патеката беше обезбедена: дел од учесниците имаа задача да ги известат евентуалните посетители кои би дошле кај манастирот Св. Никола од некоја друга патека за активностите и да препорачаат тие да не се симнуваат кон езерото, а исто така луѓето кои работат со чамците и ги пренесуваат рекреативците преку езерото – се согласија тоа да не го прават се’ додека не престанат активностите со отстранување на блоковите. Така, тој дел од теренот во некој период од 3 часа беше затворен.
Препорака:
Бидејќи беше отстранета поголема маса на лабави блокови, на нашите членови, алпинисти при Македонската Алпинистичка Федерација, како и секогаш им препорачуваме строго почитување на препораките за безбедност при искачувањето во овој локалитет, препорачуваме целосна подготвеност со опрема за самостојно обезбедување – посебно се’ додека не се искачат насоките под овој дел од теренот и не се утврди нивната состојба (постоечкото обезбедување, состојбата на карпата итн). Во подолг период, во „Циго“ во тој дел не постои поставена опрема за обездување (падната со одроните) и до следно известување, повикуваме на крајно претпазливо однесување на тој дел од карпата.

Акцијата беше иницирана од АК „Матка“ од Скопје и во неа учествуваа: Илија Циривири, Александар Старделов, Анастасија Величковска, Радомир Набаков, Филип Симјановски и Игор Талевски.

Leave a Reply