Чистење на олабавени блокови на Матка

Чистење на лабави блокови на Матка
По пријавувањето од страна на неколку наши членови, дека во делот во третата должина на алпинистичката насока „Циго“, каде што веќе се имаше случено одрон, е приметено постоење на поголеми лабави блокови кои претставуаат голема опасност за алпинистите при искачувањата, но и за посетителите на Матка кои од езерото се движат по патеката кон манастирот Св. Никола, денес беше организирана акција за проверка на теренот и чистење на дел од постоечките опасности.
Во споменатиот дел беше приметено дека поголем дел од теренот се состои од блокови кои стојат „сами на себе“ и кои како и претходните – или можат да паднат сами од себе (како што беше случај веќе со споменатиот одрон) или можат да бидат намерно/ненамерно бутнати при искачувањата од страна на алпинистите. Мораше да се интервенира превентивно и да се заштитат алпинистите, но и многуте рекреативци кои ја користат патеката кон Св. Никола, а чиј број со зголемувањето на температурите и ќе расте во следниот период.
Претходно објавените фотографии на нашиот профил покажуваат дел од активностите: беа отстранети блокови околу сидриштето кај кутијата, под превисот на алпинистичката насока „Ветерански“, а пред се’ и тие во втората половина на третата должина на „Циго“. При отстранувањето на блоковите се водеше голема грижа истите да не ја оштетуваат карпата при својот пад и дополнително да направат проблеми во долните делови. Исто така, акцијата беше организирана во работен ден, кога не се очекува присуство на рекреативци во тој дел од локалитетот, но сепак и патеката беше обезбедена: дел од учесниците имаа задача да ги известат евентуалните посетители кои би дошле кај манастирот Св. Никола од некоја друга патека за активностите и да препорачаат тие да не се симнуваат кон езерото, а исто така луѓето кои работат со чамците и ги пренесуваат рекреативците преку езерото – се согласија тоа да не го прават се’ додека не престанат активностите со отстранување на блоковите. Така, тој дел од теренот во некој период од 3 часа беше затворен.
Препорака:
Бидејќи беше отстранета поголема маса на лабави блокови, на нашите членови, алпинисти при Македонската Алпинистичка Федерација, како и секогаш им препорачуваме строго почитување на препораките за безбедност при искачувањето во овој локалитет, препорачуваме целосна подготвеност со опрема за самостојно обезбедување – посебно се’ додека не се искачат насоките под овој дел од теренот и не се утврди нивната состојба (постоечкото обезбедување, состојбата на карпата итн). Во подолг период, во „Циго“ во тој дел не постои поставена опрема за обездување (падната со одроните) и до следно известување, повикуваме на крајно претпазливо однесување на тој дел од карпата.

Акцијата беше иницирана од АК „Матка“ од Скопје и во неа учествуваа: Илија Циривири, Александар Старделов, Анастасија Величковска, Радомир Набаков, Филип Симјановски и Игор Талевски.

Нова болдер вежбална

Во склоп на Алпинистичкиот клуб Матка за изведување на ефективни тренинзи функционира и болдер вежбалната , која е отворена секој ден од 18 до 22 часот и се наоѓа во основното училиште Партение Зографски во населбата Кисела Вода.Термини за тренинг и упис на нови членови ПОНЕДЕЛНИК,СРЕДА И ПЕТОК од 19 до 21 часот

Вежбалната е отворена и за сите други вљубеници на овој спорт. За повеќе информации слободно контактирајте не.

Мраз и позитивна енергија

Пророштвото на метеоролозите за изминатиот викенд за „најниски“ температури не се исполни, и тоа неколку пати оваа зима. Мразот кој го оставивме минатиот пат во Маврово малку се топеше ама беше добар за работа, но за волја на вистината тој што го имаме мораме да го качуваме, мана на мраз не се наоѓа, особено не кај нас.  Алпинистички Клуб Матка како најголем по бројност на членови беше присутен два дена таму, како дел од тренингот за качувањето во Австрија на мраз оваа зима и работа со почетници на мраз. Саботата појдовме тричлена екипа составена од Здравко (јас), Круно и Ико. Го искористивме подобриот дел од десниот и левиот мраз за качување одма над магистралниот пат каде што поминуваат шлепери со 120 километри на час. Бар прават суперкул ветер за подобро уживање на мразот!
Наредниот ден (Недела) дојдоа скоро сите членови на АК Матка, вкупно на број бевме околу 13 членови, истото го спомнав на една социјална мрежа а ќе го спомнам и овде дека можеби ова беше најголемото качување на мраз во Македонија досега направено, групно и клупски! Се поголемата популација доведува до една позитивна атмосфера и популаризација на алпинизмот во Македонија. Работевме во повеќе групи, напредна и почетници, работа со опрема за мраз, тубуларци, гуртни, работа со алатките за качување мраз (бајли), дерези и нивна поставеност, техниката на качување на мраз итн. Целиот собир беше составен од една група млади и талентирани алпинисти на кои допрва им следуваат успесите во качувањето. Квалитетот, искуството и ентузијазмот кој владее во македонскиот алпинизам и алпинистичката заедница е мотивација која ќе придонесе до врвни резултати и предизвици.

Здравко Спасев

Ice Climbing, Маврово.

Неколку сезони наназад ситуацијата со мразевите во Македонија е секогаш двострана. Од едната страна имаш лавинска опасност а од другата малку слободно време кога нема лавинска опасност па се задоволуваш и тренираш онолку колку што дозволува планината и условите. Големата варијација на температурите и огромните врнежи на снег низ планинските масиви популарни по големите мразеви беше ужасна. Слој по слој, супер услови за дома седење. Со претходна најава, ние, АК Матка и во контакт со момците од Охрид, АК Патагонија решивме да појдеме и да ги погледнеме условите во околината на Маврово и мразевите кои по традиција се формираат секоја година без никаква опасност од лавина, освен онаа каде што поминуваат коли и шлепери со 100км на час ДО тебе.Тоа е алпинизмот.
Некаде околу 8 часот изутрина стигнавме заедно со дечките од АК Патагонија на потегот Маврово-Дебар. На неколку локации воопшто немаше никаков оформен мраз па за тоа се одлучивме да тренираме на оној кој ни дозволуваше, тоа беше оној пред една „кафана“ после исклучувањето за патот кој води кон Кораб. Нема иначе мезиња во кафаната.
Качувавме во наврски каде што должината се движи под големата првисна карпа а останатиот дел беше top rope на сите мразеви (види фотос). Како обезбедување користевме тубуларци и убави багремови/дабови дрва кои пружаа и тоа како добра сидришна точка.  Се тренираа техники на качување и водење како прв на мраз, техника на поставување на сидриште на/во  мраз, методика на тренинг за качување во зимски услови, планирање и моделирање на тренинг во зима и на мраз. Мразевите кои беа понудени беа одлична варијанта за добар тренинг особено пред заминувањето во Австрија како дел од Македонската Алпинистичка Федерација која изминатава година направи огромен успех и квалитетно качување во домашните и странските врвни алпинистички локалитети.  Следува уште една, уште подобра од минатата!

Здравко Спасев.
АК Матка.

Челичење

 29.12.2011. Денеска станав во 7 саат сабајле. И покрај тоа што не си легнав рано како што планирав и имав отспиено само 4 саати, не сакав да му откажам на Никола за одење на Матка. Колку што надвор беше ладно – толку јас бев “загреан” за качување. Се договаравме да ја качуваме “Франгова”, а идејата да качувам тешка насока во зимски услови некако ми правеше филм дека полека станувам сериозен алпинист. Го натоварив плавиот Ферино ранец со основна лична опрема и искочив од дома. Гостиварецот (Никола Андоноски) го почекав неколку минути пред да се појави кај Макпетрол бензиската на “Партизанска” и оттаму тргнавме накај Матка. Застанавме по пат во Ѓорче да купиме некое пециво, а на горниот паркинг кај браната стигнавме негде околу 9 саат. Кај манастирот Шишевски мислам дека бевме околу 9 и 15. Таму го видовме Жаре, кој собираше метален отпад. Матка изгледаше прекрасно, целата прекриена со слана и малку магла – едноставно имаше некој мистичен изглед. Многу ми се качуваше. Се напив малку чај (веќе јадевме на паркингот), па направив кратка медитација во една од “самиците” (секогаш ми помага да се релаксирам). Кога тргнавме надоле накај почетокот од насоката, пред вецињата приметив дека водата што обично цури под самите врати е замрзната. Мене веќе ми беше прилично студено на нозете и малку се плашев како ќе ми биде кога ќе облечам патики за качување, ама од друга страна си реков малку челичење нема да биде на одмет – сигурно ќе се адаптирам.

   Се договоривме со Никола тој да го води првиот цуг. Уште на самиот почеток почнав да мрзнам и ги пцуев моментите кога ќе дувнеше малку ветер. А се пцуев и себеси што си заборавив ракавици. На прстите на нозете ми беше ладно и како да ми се вкочануваа, но си велев дека ќе биде подобро штом почнам да качувам и ми се разработи циркулацијата. Додека јас мрзнев, Никола тешкиот дел од првиот цуг го тераше клин по клин – ќе укопча, па ќе одмори малку. Кога го пројде тој дел, баш пред самото сидриште, кај што веќе е колку-толку полесно, ми викна “ПАЗИ!” и, како го кренав погледот само го видов како “летна” надоле. Јажето ме повлече така што ме плесна за карпата. Минимум 8 метри ги прошиша. Го прашав дали е добар и ми одговори со едно “одлично”, пропратено со неколку пцовки. Но мене тоа не ме смири. Ми се причини како да удри со грбот од гребенот и си мислев дека е повреден, но дека од напливот на адреналин не го осеќа тоа. Почна да се нервира – кој ќе го качува пак тој дел! – и му одговорив да не се заебава и да се се истегне по јажето. Постапи така и брзо после тоа беше на сидриште викајќи да ослободам јаже. Ако денот (качувањето) не успеав да го познаам по утрото, тогаш дефинитивно го познав по облекувањето на патиките за качување. Прстите ми беа толку смрзнати што ми се чини ми требаше цела вечност за да си ги врзам врвците. А потрошив и едно 5 – 10 минути пред да почнам со качување во триење на рацете. Кога тргнав нагоре, на почетокот немав некои проблеми. Освен што ми беа смрзнати прстите и на раце и на нозе. Но самата насока ми делуваше лесна. Веројатно затоа што е лесна додека стигнеш до делот кога веќе не е. Еден дел од карпата(со окер/кафеава боја) едноставно – со мојата физичка (не)подготвеност и силниот студ – ми изгледаше како научна фантастика да го пројдам слободно. Од тој момент веќе не ми личеше на качување тоа што го правам, туку на очајно обидување на некое животно да се ослободи од ловџиска стапица. Малку ќе се поткренев, ќе му викнев на Никола да ме затегне и ќе виснев. И така, малку по малку, стигнав до сидриште. Никола ме праша дали сакам да продолжам да го водам следниот цуг на “Франгова”, но не ми требаше многу мислење за да му кажам да се префрлиме на “Ветерански”. И одма појдов. Позната должина која секојпат без проблем сум ја проаѓал слободно, сега се фатив себеси како се мачам да излезам на крај. Студот и слабото спиење си го направија своето – неколку погрешни движења и на двапати се најдов во лоша положба што да морав да се спуштам за да се одглавам и да можам да продолжам. Но, сепак го пројдов тој цуг слободно. Како и тој после кутијата…

03.01.2012. Почна нова година. Си ја честитавме со Никола преку Фејсбук, а притоа ми спомна дека официјално ние ја затворивме качувачката сезона од претходната. Го прашав дали е расположен да бидеме истите и што ќе ја отворат за оваа година, но испадна дека не ме чекал за тоа. Нормално,  не бев изненаден. Си го вратив филмот од пред неколку дена кога качувавме и се сетив како се вратив тој ден дома со модри палци на нозете и како ги масирав под млаз ладна вода… Можеби го заокружив крајот на годината со малку ноншалантно однесување(благо кажано), но еј – затоа почна нова година и можност да се направи подобро од претходната. Им посакувам на сите СРЕЌНА НОВА ГОДИНА исполнета само со здравје и со многу успешни искачувања – како алпинистички така и професионални, духовни и полни со љубов!

-Виктор.

Патишка – Солунска – Патишка

Пред точно две недели (03.12.2011) за време на меморијалниот собир на Солунска Глава (4 Алпинисти),  во нивна чест Алпинистички Клуб  Матка реши да го изведе маршот преку Патишка Река со цел за подобро запознавање на теренот и многу поефикасен тренинг. Целта беше да се изведе наменски тренинг и тоа во неколку сфери :

-Ноќевање на висока планина
-Кондиционен тренинг со големи ранци
-Движење и ориентација со прирачни средства
-Запознавање со организмот на ниски температури

Моделирање и планирање на тренингот на планина  како и општите принципи на подготовка пред заминување на планина се од суштинско значење па затоа го искористивме овој сув период од годината, пред да паднат првите снегови и да се зголеми значително опасноста од лавини.

Движењето одприлика одеше преку Патишка река (955), Остри Врв (2,263), Убава (2,352), Шилегарник (2,114),  Солунско поле (2,097), Солунска глава (2,538)

-Поради лоша конотација нагласувам дека стигнавме на еден час пред врвот Солунска Глава, таму преноќивме и назад се вративме изутрината поради јак ветер, видливост и лоши временски услови.

Здравко Спасев

[nggallery id=8]

Демир Капија

Во доцните есенски утра, најчесто маглата лежи како јорган врз старец. Но не беше така и на 13 ноември, кога за последен пат со стариот Голф на Ристе се стркалавме кон Демир Капија. После неполн час и половина возење се најдовме на “познатиот” паркинг меѓу двата тунела, каде што не пречекаа момците од Охрид, а неколку мига подоцна пристигнаа и останатите.

Се на се, се собравме дури четиринаесетмина (детален преглед на присутните и на качените насоки може да се види на www.macf.mk).

Се упативме кон карпата. На самиот брег на реката Вардар, не пречекаа и поздравија регионалните рибари кои веќе одамна го имаа започнато денот.

Се сеќавам, тоа беше убаво и топло есенско утро. Под карпата се поделивме во парови и секој со својот партнер се упати кон некоја од насоките.

И така, Ристе и јас одлучивме да почнеме од Б2 бидејќи и двајцата немавме одамна качувано. Се упативме кон насоката, каде наидовме на поприлично голем ред за чекање. Очигледно не бевме единствените кои имале обврски изминатиот период. Очигледно не бевме ни единствените кои сакаа да почнат со нешто полесно, сфатив, на крајот на насоката, бидејќи со оглед на гужвата, на самиот старт полесно ми беше да верувам дека некој во неа дели бомбончиња.

Цуг, по цуг со Ристе дојдовме до крајот. И таму горе, на крајот додека Ристе се обидуваше да зароби некои моменти во фотографии, јас почнав да се симнувам надоле. Попатно ги сретнав Мите и Ангел кои накратко ми доловија некои од нивните импресии од Влатчева. Побрзав да ги одминам со цел да можат на мир да продолжат со качувањето.

Додека го чекав го Ристе да се симне, како змија се печев на сонцето и ги набљудував останатите кои како разиграни мравки ползеа низ карпата.
Кога дојде Ристе, дојдоа и Алексадар и Игор. Направивме смена во паровите и со Игор отидов во Блажева. Искрено воопшто не ни имав слушнато за оваа насока, а ни првиот впечаток, кога се најдов под неа не беше некој многу воодушевувачки.

Се што гледав пред мене беа дрва и треви. Карпата скоро и да не се гледаше. Се сеќавам, Игор тогаш ми рече да не избрзувам со моите заклучоци за насоката и дека тоа всушност е прекрасна насока, која е малце подзаборавена и обрасната.

Ми објасни по која линија треба да се движам, и ме предупреди на ронливоста и недостатокот од клинови.

Тргнав. Со секој направено движење почнував да ја гледам убавината на самата насока. Повеќе не ни обрнував внимание на тревите и дрвјата. Максимално се поврзав со карпата и уживав во нејзината магија.

И сега, цуг по цуг со Игор стигнавме до крајот. Се сеќавам, посебно внимание ми привлече последниот цуг. Не беше долг и не беше тежок, но беше поинаков. Тоа беа големи полици кои даваа некој посебно впечатлив и убав крај на самата насока. Кога стигнавме на самиот крај во мене се појави некоја лавина од среќа. Насоката во мене направи некоја неопислива исполнетост. Се чувствував како небаре вечноста да беше врежана за мене. Не ми се веруваше дека на почетокот толку брзо ја осудив насоката.. Небитно. Веќе имав ново мислење.

Тргнавме надоле. Игор ми раскажа многу за историјата на локалитетот и на некои од насоките, попатно и застанувавме за да ми покаже некои од нив. Веќе се стемнуваше, побрзавме надоле, каде не чекаа остнатите. Набрзина се спакував и се упативме кон колите.

И така, на “познатиот” паркинг помеѓу двата тунела во Демир Капија, дури и откога веќе сонцето одамна имаше одјурено на запад,  а сеуште се слушаше галама од нашите импресии на изминатиот ден, одличивме да продолжиме во една од Демиркаписките меани. Секако, тоа беше само со цел да се направи детален преглед на денот и да се подискутира за него.

И така, кога веќе денот почна да здосадува, а месечината беше високо на небото, уморни од целодневното движење како беспомошни морнари запловивме назад кон Скопје.

 Темјана Ефтимова

Нежилови карпи (Солунска)

Многу ме израдува желбата на мојот клупски колега Здравко Спасев дека сака да качува во Нежиловите Стени. Одамна ми го имаше речено тоа. Истото го спомна и Дејан Крле (АК „Плоча“). Така со Зоран Мајсторски и јас решивме да направиме две наврски.

Попладнето на 11. VII. 2011 тргнавме Дејан, Здравко и јас, во Велес ни се придружи Зоран. Вечерта бевме во Чеплес, каде вечеравме, и се спакувавме. Рано утрото во 4:30 на 12. VII. 2011 тргнавме кон стената. По 4 часа стигнавме под насоката „Абзел линија 2007“, ја избравме бидејќи Здравко за првпат качуваше во ваква стена, а и немаше качувано на карпа веќе подолг период. Качувањето одеше без некои особени проблеми, носевме само 6 гуртни со по два карабинера, и по некој клин, а една должина водеа и Дејан и Здравко. На последната должина Зоран и Дејан излегоа по оригиналната (десна) варијанта, а Здравко и јас по левата варијанта која јас ја качив во ноември минатата година. Кога се пакувавме, Здраве само ни спомна дека насоката сме ја качиле за 2:23. Сите се зачудивме, но бевме задоволни и исполнети, и тргнавме радосни за назад.

Исто така за ова наше качување можете да прочитате и  тука.

Никола Андоноски

[nggallery id=5]

Планинска Трка, Трескавец

Како по обичај никогаш не излегува онака како што си планирал. Таков обичај истерав викендов. Едноставно е, сакав да бидам подобар од она што бев претходно. Не беше тоа само желба, туку упорност и многу работа.  Бев спремен да платам некоја цена ако има потреба, а имаше, и си ја платив.

Крале Марко бил последниот крал кој владеел  во големиот дел од Македонија пред вековната власт на турските султани. А Маркови Кули е локалитет кој се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во непосредна близина на градот Прилеп. Исто така манастирот Трескавец, познат како Света Богородица сместен е на 10-тина километри од Прилеп на падините под врвот Златоврв.  Токму во овој предел беше организирана и трката.

Планинска трка – По стапките на Крали Марко – 2011
Должина : 16 km
Висинска разлика : +770 m / -770 m
Старт во 9 часот пред ман. Трескавец (1250 m)
Цел : пред ман. Трескавец (1250 m)
Просечен успон / спуст: +9 % / -9 %
Максимален успон / спуст: +45 % / -27 %

На 1 Октомври дел од Алпинистичкиот клуб Матка тргнавме кон Прилеп како натпреварувачи околу 8 часот наутро. По кратка прошетка низ Маркови Кули стигнавме до Манастирот Трескавец каде што бевме сместени таа вечер. Планот беше дента да се искачи врвот Златоврв и да се помине техничкиот состанок на организаторот на трката и да ни се поделат убави маици за трчање со логото на трката како спонзорство. Супер маици! Наредниот ден (2 Октомври) стартуваше трката некаде околу 9 часот наутро. Теренот за трчање и околината беа прекрасни. Изобилуваше со убави пејсажи и многу тутунски полиња покрај патеката која дефинитивно беше искуство кое треба да се доживее.

Трката стартуваше доста брзо, темпото беше дури превисоко за следење што и беше за очекување со оглед на неискуството на дел од учесниците. Некаде после 5-тиот километар теренот се спушта и удолници веќе не постојат, тука беше и мојата тактика. Бев во група ТОП10 се додека не се активираше мојата мала повреда на левата нога. Тука пропаднаа сите шанси за добар пласман. Бев силен и брз, но повредата направи да се чувствувам како вистински аматер. Во буквална смисла на зборот. На делот каде што нагибот се зголемува, односно големите угорници, тука бев неприкосновен и се доближив на онаа втора група од тркачи која ме помина некаде на 10-тиот километар.  Залудно, наредната удолница и рамниот терен бев приморан да одам пеш место да го „прошишам“ тој дел.

Завршив 19-та позиција од 34 учесници.
Александра Герасимова освои бронзен медал во женска конкуренција.
Јордан Aтанасовски 10-та позиција.
Резултати 

Очигледно системот и обемот на тренинзи кои ги имав не беа фокусирани на „брзински“ трки. Целиот тренажен процес ми беше фокусиран на издржливост и долги дистанци т.е. преку 25 километри.

Научив многу работи,  запознав многу тркачи и победници.
Одам напред према Lavaredo Ultra Trail 2012, 120km 6000m D+

П.С. Прилепчани ги крадеа знаменцата за маркација на патеката што придонесе до губење на неколку тркачи.

Здравко Спасев, АК Матка.

[nggallery id=2]