ЧЕКОР ПРЕКУ – ЕКСПЕДИЦИЈА ВО КОЊ, АОСТА

Сардини. Како ли ги пакуваат… Лего коцки – правоаголни форми перфектно склопени… Питагора, Владо и неговиот тап поглед. Багажникот, диво им пркоси. Мартин и јас одамна сме покорени од оваа битка. Владо е упорен.

Успеавме некако да ги пресуваме сите конзерви што ги носевме во просторот кај резервната гума. Мал пресврт, ама знаечаен за оваа „војна”. Окуражени, сфативме како да сместиме шест ранци, четири јажиња, три пара технички чизми, три сета бајли и дерези и кутија со третина од планираната храна. Круно неговата опрема успеа да ја смести негде во колата. После тоа и самиот се смести.

Кога хаубата почна да ја голта онаа досадна бела линија на автопатот замреа сите наши поголеми проблеми. Освен оној во МекДоналдс после Београд. Нема тука да збориме за огромните о с у м оброка што ги нарачавме и ги јадевме до крајот на вечноста – додека куцам уште го џвкам претпоследниот залак. Оттука целата експедиција имаше мирна пловидба. Тргнавме во недела, на трети февруари, и истата вечер среќно се дотркалавме во село Осп, Словенија. Осп е идеално одмориште од повеќе логистички причини, меѓутоа за нас, најбитна е дружбата со Силво Каро (истакнат словенечки и светски алпинист). Силво е сопственик на хостел, во стара камена куќа опкружена со многу карпи и уште повеќе качувачи од цел свет.

Без многу пролонгирање, утрото брзо се спремивме за патот кој ни претстоеше. Силво нѐ испрати со искрени желби за успешно качување. Веројатно пронајде порив и инспирација во тоа што некако успеавме да организираме две излегувања во Алпи во период пократок од три месеци. Првиот пат, поради обемот на снежните врнежи бевме приморани поголемиот дел од акцијата да го адаптираме во Словенија, а не на Савојските Алпи, и тогаш, останавме подолго од планираното кај Силво во Осп. Следејќи ги неговите предлози реализиравме добар дел од искачувањата низ Јулиските Алпи, па сето тоа влијаеше да се зближиме. Со зголемена мотивација и „ветер во грб” продолживме кон Аоста, поточно долината на Коњ.

Иако за два дена исслушавме преку дузина музички албуми, „качивме” не знам колку насоки, ги решивме сите технички проблеми на сета позната и непозната опрема, проклетата досада на патот си го зима данокот. Како мраз се разби летаргијата со првиот обид да купиме италијански број со Интернет конекција. После шест дуќани бидна и тоа. Сега и од Италија можевме да бидеме закачени за глобалното село Интернет. Купивме и храна од Аоста за целиот престој, а Владо и Круно решија дека немаат потреба од пласитчни ќеси за да ја пренесеме. О, каква слатка авантура беше ова.

Горе сме, во село над Коњ, кое поради отсуство на италијански вокални способности ќе го викаме Гњилање (оргиналот е Gimillan). Тоа ни беше домот за следните четири дена. Брзо вечеравме и почнавме да се спремаме за она за кое што сме дојдени – да качуваме алпинистички насоки по замрзнати водопади во Алпски масив. Иако не беше примарна цел да се качува во долината на Коњ, сепак е значајно да се качува на оваа планина. Поради логистички причини и акцијата пред три месеци не се реализираше во целост на Vallee Blanche („Белата Долина”, долина од кадешто започнуваат најпопуларните искачувања во централниот Савојски масив), едноставно не работи ниту една жичара која се исфрла над 3.000 метри од каде започнуваат повеќето од алпинистичките насоки. Тогаш научивме дека Коњ нуди одлична замена.

Станува збор за две долини, едната од селото Лилаз, а другата од селото Валнонтеј, обете непосредно близу до центарот, Коњ. Коњ е поголемо село, со скијачки центар, и е опкружено од повеќе селца, дел од нив се и тие спомнати во овој текст. Географски, Коњ е најголемото село во долината; меѓутоа, и Лилаз и Валнонтеј се селца до кои се протегаат две помали долини од Гранд Парадизо. Овој систем на долини е дел од Националниот парк „Гранд Парадизо” под истоимениот алпски врв.
Откако, се надевам дека ги решивме географските дилеми за Долината на Коњ може да се вратиме на она суштинското.

Бидејќи не знаевме со што ќе се соочиме во реалноста надвор од конфорот на водичот, решивме да ја качиме насоката Lillaz Cascate со генерална тежина D- WI4 200m. Водичот за апинистичките насоки во овој регион, оваа насока ја претстави како не многу тешка и популарна: комбинација одлична за почеток, да се „загрееме” и запознаеме со условите. Важно е првите искачувања во непознат терен, особено на мраз, кадешто условите од она што е во водичот запишано, драстично може да се разликуваат од фактичката ситуација; е да бидат направени во насока со тежина која алпинистите се комфортни да ја совладаат.

Знаевме дека Lillaz Cascate е насока со максимална тежина од вертикален мраз не подолг од 15m. Тоа значи дека останатиот дел од јажевата должина е со нагиб од 70 до 85 степени. Од тренизите кои претходеа, знаевме дека никој од нас нема да има проблем при совладувањето. Наврските ги поделивме Круно и Мартин, Владо и јас. Така, имаше по еден поискусен качувач на мраз во две наврски – клучно за двете наврски да имаат оптимална брзина на качување и способност да совладаат непредвидени ситуцаии кои може да настанат од условите на мразот.
Се движевме внимателно и брзо колку што тоа го дозволуваше темпото диктирано од генералното ниво за безбедност. Се движевме сѐ посмело со секое забивање на бајлите во мразот, со секое поставување на дерезите. Може не брзавме максимално, но се движевме побрзо од останатите наврски. Во тој момент сметав дека тоа се должи на самата насока, не многу тешка, популарна – па претставува терен на кој качуваат и почетници и потпросечни алпинисти. Првиот поголем „скок”, вертикален дел од насоката го имавме во самиот почеток на вториот цуг.

MАРТИН НА ИЗЛЕЗОТ ОД ПРВИОТ „СКОК“ ВО LILLAZ CASCATE

Пред нас беше една шпанска наврска и нѐ предупреди за дебелината на мразот – тенок мраз не нуди опции за поставување на клиновите, попластичен е и нуди помалку опции за поставување на орудијата. О, каква слатка иронија – ние цела зима трениравме на мраз не подебел од три сантиметри, а сега имавме слој од цели петнаесет санитеметри. Сосема очекувано, беше големо задоволство да се искачи тој вертикален „скок” низ раскршен камин од мраз дебел „само” петнаесет сантиметри. Охрабрен од времето кое ни беше потребно за да ги качиме првите три должини од целата насока решив дека ќе качам малку потешка варијанта од основната генерална тежина на насоката. Јас водев прв, а Владо по мене, качивме еден цуг со тежина WI5. Разликата е во тоа што WI4 е вертикален дел од мразот не подолг од петнаесет метри; WI5 е вертикала поолга од петнаесет метри и/или превисна. Овој цуг беше составен од два големи блока на мраз, скршени на пола поради сопствената тежина. Самото прекршување претставуваше негативен нагиб на поголемиот дел од должината. Додека качувавме и двајата бевме комотни, не осеќавме замор во подлактиците, а бајлите смирено влагаа и излегуваа од мразот – шармантно како запчаник на точак.

Од глава не ми излегуваше бастионот на целиот масив кој се воздигнуваше над Лилаз. Еден карактеристичен, долг жлеб среде најдоминантниот врв кој се гледаше директно од нашиот балкон. Lillaz Gully D+ WI4 M5 600m.

LILLAZ GULLY

Решив дека е подобро да ја качиме оваа насока одма, вториот ден, а не третиот како што беше планирано, и тоа поради две причини: третиот ден може да бидеме позаморни од претходните искачувања, а сепак ова е насока која ќе бара многу од нас; и после првиот ден, сфтаив дека сме технички одлично подготвени за оваа тежина. Направивме измена во наврските поради пофина распределба на сили, па сега качувавме Мартин и јас, а Владо и Круно. Водичот ни кажа дека се потребни четири часа за ова искачување, со два можни излеза во микс услови: лев (М4+) и десен (М4). Ние влеговме во левиот, ама „ни се падна” да биде М5 поради нецелосно оформениот мраз. Повторно, излеговме многу посреќни од тоа што планиравме!

ДОЛУ Е СЕЛОТО ЛИЛАЗ, ОД КАДЕ ПОЧНУВААТ ПОВЕЌЕТО НАСОКИ

Kако и претходниот ден, не планиравме да се движиме побрзо од она што ни го дозволува рациото на нашата безбедност. Сите посекотини и модрици што ги стеканвме патем се само „воени рани” кои се нормална појава при качување на мраз – сѐ останато успешно избегнавме. Можеби стигнавме и малку покасно, бидејќи пред нас имаше пар наврски кои влегоа буквално неколку минути порано. Така започна нашата дружба со Хрватите на секое сидриште. Најважно од сѐ е дека се движевме ефикасно и ритмично, и сите дилеми попатно нагоре ги решававме во од – од поставување на тубуларци (клинови за мраз), останата опрема за обезбедување, па сѐ до остриците на дерезите.

Енергијата беше на завидно ниво, мотивацијата, и потребата пред сѐ за ваков тип на искачувања силно пумпаше хормони низ нашата крв. Претходните тренизни, анализи и непосредни подготовки за искачувањето беа олицетворени во моментот – метар по метар.

Цуг по цуг научивме и една лекција која ќе остави траг во сите следни излегувања во поголемите масиви. Нашиот тренинг, подготовките, начинот на восприемање на реалниот амбиент, способноста за реална проценка на владеачките услви во однос на водичите се вистински – на ниво кое може да ни овозможи да искусиме дел од алпинизмот кој се случува во светот. Научивме дека ние сме на ниво кое е сосема релевантно во светски рамки, не е врвно, но знеме каде сме, колку можеме и како да продолжиме за да стигнеме онаму каде конечно целиме. После вакви искачувања, целите колку и да се далечни сега веќе изгледаат остварливи.

Уморни од денот и психички заситени од искачувањето, решивме дека третиот ден е најпаметно да одиме на нешто полесно, за да се растеретиме од претходно наталожениот притисок. Тргнавме со различни лични амбиции, кои кохезираа во заедничка цел – да оствариме искачување кое ќе остави трага зад себе. Го направивме тоа. Третиот ден предложив да ја искачиме L’Acheronte AD+ WI3 400m.

Насока која иако е релативно долга, има полесна оценка, па би требало да се движиме брзо и без многу напор. И повторно, мразот не беше формиран како што нѐ учеше водичот, па насоката на крај беше со оценка WI4 M4+ 400м. Планиравме нешто полесно, а повторно качивме нешто кое покажува дека има мотив, свест и зрелост за вистински алпинизам – како што изјави Костантин Циривири. Генијална насока, столбови од мраз, миск камин, микс излез од насоката – и сѐ ова „частенка” од Долината на Валнонтеј! Бескрајни благодарности и симпатии до Вас, Ваше Височество: Фрижидерот на Гранд Парадизо!

Последниот качувчки ден ја качивме истата насока како и првиот. Сега психички растеретени дека може да качуваме рамо до рамо со сите алпинисти во регионот планиравме да ја качиме насоката E Tuto Relativo WI4. Но, поради наглото зголемување на температурата, мразот не беше во посакуваната состојба. Се претвори во медиум кој е премногу мек за да го издржи притискот на врвот од бајлите. Единствена рационлна одлука беше да влеземе во Lillaz Cascate бидејќи знаевме дека е насока во која може брзо да се движиме, со оглед на насобраниот замор од претходните денови. Важно беше да бидеме брзи бидејќи денот веќе беше поодминат, а со тоа и мразот понестабилен.

После овие четири денови исполнети со синило за кое сите ние сонуваме низ цела година, тргнавме назад. Ниту престојот во Загреб не го направи поинтересен патот – сив асфалт, долг и досаден како глува ноќ. Оваа акција е успешна не само заради техничката тежина на искачувањата, можеби најтешки до сега направени од македонски алпинисти во Алпите; туку заради тоа што го научивме: Се формира една генерација која има исто гледиште кон развојот на алпинизмот во Македонија, која своите можности ги тестира во реално опкружување, учејќи што треба да се направи за да се направи тој чекор “преку”, чекор понатаму, чекор повисоко. Да, дојдовме во Италија со различни лични и колективни очекувања и амбиции, сите различно инспирирани, мотивирани и логистички спремни. Но за само четири дена се сплотивме во заедничка визија, која верувам дека ќе остане како мотив и компас како да продолжиме понатака. Сега имаме реално мерило за нашите тренинзи.

Момци, фала ви за ова искуство, и после многу пршута и вино да останеме верни на рокенролот!

Пишува Илија Циривири – АК Матка.

Луси на небото со дијамати

Ќе беше поубаво тексотов да почнуваше како дијамандското небо на Луси, со мандаринови дрва и небо од мармалад. Но, ќе мора да се задоволите со опис на небо, кој што може да се најде во слаткарница, густо ко шлаг на шампита. Какво и да беше времето ништо не не спречи да гризнеме од „шампитата“ и да тргнеме накај ладната Малта – оваа се наоѓа во Австрија…

           Со шлагот размачкан по нашите лица и фантагоризми за австрискиот мраз полека, но крајно решително почнавме да се тркаламе по асфалтот. На ретровизорот не можев да го видам ни Жика, а камо ли плавиот „Голф“ на Ристе. Не можев да ги гледам не од вообичаените причини – колата ми е секогаш прљава толку што едвај успевам да не се извалкам кога и да влагам во нејзе; туку овој пат, сосема очекувано, поради опремата која што буквално беше уредно расфрлана низ целиот ентериер. Тоа и не се покажа како толку лоша идеја, затоа што на Круно „пластиките“ ми дојдоа како удобен потирач за десната рака, онаа со лактот што неуморно лебди над мењачот. Монотонијата од возењето по т.н. автопат до граница, ја разби озлогласената Грданичка клисура. Лошата репутациај на клисурата беше крајно компромитирана од снегот што беше секаде околу, освен на патот. До Љубљана стигнавме преку некогашниот „Братство-Единство“ аутопут како лет, „лет над кукавјичкото гнездо.“ Така супер и брзо помина се, од едноставна причина што во пресрет на нашата шоферска одисеја се попречија радио станиците што ги имавме поделено по коли. Секако би било безобрано и тоа крајно, ако од моја страна во оваа прилика не истакнам дека нашиот дисперзиран (во Штип), Жика имаше голем удел со неговите досетки и препирки, и секако, Здраве кој што ја испочитува станицата како политичар на митинг (извини Здраве!).

            Нејсе. Во Љубљана сме. Беше едвам 21 часот, а градот спиеше како месечево кравајче на Северен пол – мирно и многу досадно. Како и да е, кои сме ние да ја коментираме европејската култура и нивните месечарски амбиции… Меѓудругото низ гратчево имавме шанса да ги исползуваме можностите на GPS апликација кај Ристе во телефон. Инаку тоа беше еден од ретките моменти кога не ја пцуев поради неточното наведување. Она што ми  остави најголем впечаток од Љубљана, покрај тоа што си купив патики за качување по 6-7-ми пат, е симпатичната Турчинка на рецепцијата во хостелот каде што преспавме. Сега има една голема елипса (скокање на време)  од целата ноќ, не, не е поради вообичаени околности, немаше користење на алкохолни супстанци, туку спиевме длабоко до сабајлето, дури до 6 и 30, цирка… Пред мене виси на вратата од собава една ќеса од „Иглу Шпорт“ – продавницата од каде што Цеко си купи пантолони, а Ристе и Здравко ракавици, плус и уште една клупска лопата. Ништо битно, само се фалам.

            После Љубљана продолживме директно до Малта. Како што продолживме, директно, така и стигнавме – директно! Малта е едно обаво местенце сместено во Југо-Западниот дел на Австрија со прекрасна природа и пејасжи од разгледница. Колку и да биле воодушевувачки природата и пејсажите, ние не им обрнавме посебно внимание; од една страна сме виделе полно разгледници, а од друга страна многу побитно ни беше да најдеме место каде ќе спиеме. Уф тоа барање на престојувалиште! Како полски глувци во доцна есен се пикавме по секоја дупка низ целата долина на Малта со надеж дека ќе најдеме пристојно преноќувалиште со пристојна цена. Проблемот беше во тоа што немаше баш „дупки“, а цените беа далеку од пристојни. Се разбира, раскажувам за хотели со хотелски цени. Ишамарани од фактичката ситуација баравме и летни кампови каде што би се шверцувале со нашите шатори… некој мудар човек пред многу време роден рекол дека надежта последна умира. Тогаш тоа беше и се што имаме – надеж! Продолживме да бараме понатака по патот. На само неколку километри од мразевите нашата надеж замираше како Халиева комета, следен пат ќе се појавеше после 72 години.

Тогаш го видовме и првиот мраз, монументален водопад со неспоена завеса, па за да ги задоволиме нашите емотивни потреби и качувачки пориви подзастанавме да го буљиме, и баш тогаш Жика наш прочита некаде табла со знак „ЦИМЕР“, додека им јавиме на другото возило, Ристе ни јави друга табла со исти знак. Две коли, два знака, се поделивме и секој по својот знак. Е оној на Ристе посочуваше кон некаков си „дом“ со нељубезни домакини и ич место… Овој на Жика не однесе до една огромна куќа, со огромна штала и огромни две кучиња. Не, сериозно огромни кучиња, луѓе мои поголеми од најголемата џукела што сум ја видел во Маврово и Шар Планина заедно. Изгледаа како магариња на стероиди, дури едното од нив изгледаше како квазимодо – имало некаков тумор. Да се вратам кон огромната куќа со огромна штала. Влеговме културно како и секој намерник во куќата и се појави една насмеана тетка со која што конверзацијата се одвиваше прилично тешко. Не, оваа не се лигавеше како старецот во „домот“ на Ристе, само не знаеше Англиски, а ние од Гермасни знаеме само соба и сендвич… Бидејќи си побаравме соба за 6 луѓе, тоа и добивме, не спиевме во шталата. Кога ни ги покажа собите мислам дека во тој момент бев повоодушевен од собите него од мразевите.

Собата немаше мини бар, сателитска и интернет – само изгледаше премногу уредена и влеваше чувство на хотелска соба на Хаваи; за една куќа на фарма,мене чудно, но барем јас тоа така го доживеав. Го собравме и другиот дел од експедицијата и како вистински алпинисти комотно се вдомивме во топлите соби. Тетката ни покажа каде може да ја сушиме опремата после качување, одма и стана јасно зошто сме тука, додуша и не им бевме единствените гости во тој момент/недела.

Кога го решивме и тоа гајле, кога си се изнасмеавме за лежалките, вреките и шаторите со Круно се стрчавме со колата да купиме и водич за насоките. Е сега се чувствував како коцка мраз во шејкер. Тоа беше коктел од еуфорија, емоции (од кои девојчиња плачат по филмови), страст, неисчекување и, и…јасна ви е сликата де. Успеавме конечно да се договориме кои што ќе качуваат следниот ден. Ги поделивме присобраните тубуларци, останатата опрема, јажињата и си се раскомотив во новиот ми кревет, демек нешто ќе читам. А бе одма заспав!

            Сабајлето последен станав, чисто од бунтовнички причини. Протестирав бидејќи не наоѓав логика да станам во 5 и 30, ако треба да почнеме со качување во 8 часот. Утрото го тегневме доволно долго и конечно тргнавме кон мразевите. Додека пешачевме кон првите насоки што треба да ги качиме, мислам дека се подмочав малку, како кученце, од среќа, иако претходно се осигурав дека сум комплетно празен за да немам инциденти во насока. Значи три наврски, две насоки. Круно и Здравко влегоа во Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m), а јас и Жика, Цеко и Стариот во Aluhol (WI3, 180m).

Според водичот, ова што го читате како оценка, го одбравме како нешто полесно да се привикнеме на теренот, мразот итн. итн. Се е тоа супер само што поради недоволно мраз на терен и не беше баш така, беше за нијанса потешко, само до една оценка или пола, плус. Како и да е, прв тргнав јас, и бајаги се изнамачив. Она што според водачот како пристап требаше да биде замрзнато, е па не беше. Место качување на мраз влетавме во класично балванарење, од балван на балван преку тазе паднатиот снег. После 200 метри стигнавме до мразот, вистинската насока. Се собравме сите четворица и почнав јас. Беше некоја си двојка првиот цуг, со по тек-таму некое скокче, ништо страшно. Тука најмногу ми се направи мерак кога се усидрив на чок, за кој сите иронично ме прекоруваа зошто го зимам (по нашки заебаваа!).

Имаше уште еден таков цуг и после дојде она што требаше да биде тројка… Тие триесеттина метри убаво се измачивме сите четворица. Објективно не беше повеќе од четворка, ама мене лично повеќе ме збуни и исплаши отколку што технички ме измори. После овој цуг и уште еден-лесен, влеговме во еден бајаги мокар, со техничка оценка 3. Следниот поради реални, тубуларно-мокри причини не влеговме – мразот беше премногу мокар и мек за да издржи пад на тубуларец, а карпа и некое дрво немаше вдолж целиот цуг. Додека ние се спремаве за надоле, на два цуга под нас дојдоа Круно и Здраве, па сите заедно си направивме абзел.

По пат до дома, дома и целото преостаното време од квечерината го поминавме како стрини раскажувајќи ги доживелиците од дента. Мошне инспиративно, мора да признаам. Пред да легнеме се договоривме и што ќе качуваме утре дента и дека ќе го бојкотираат мојот штрајк, морало порано да излеземе од дома и порано да влеземе во насоката!

            Утрото така и започна, со брутален бојкот на мојот штрајк и задушување на мојот бунтовнички сон. Стигнавме доволно рано пред Strannenbach (WI2-3, 400m), кој беше прилично влажен. Колку и да беше мразот влажен, ние бевме далеку понапалени и решивме да ја качуваме левата варијанта од насоката. Паралелно тргнаа наврските на Ристе и Цеко и Здраве и Круно, додека они качуваа, а ние чекавме се здобив со некои расекотини по носот и усната. Доволно големи колку да се жалам, доволно мали за да зараснат додека ме види мајка ми. Качувањето се одвиваше супер се додека Ристе малку не го боцна едното јаже. Сега пак, супер одеше кратењето на јажето и нашата јанѕа… потоа качувањето повторно продолжи супер.

Сидриштата беа на јасни и предвидливи места, мрзот во погорните места беше поцврст. Цуг за цуг во нашето познато и весело друштво, се до моментот кога мразот беше премногу стопен и мокар за да продолжиме нагоре. Кога нема нагоре единствена опција е надоле, со изверзираниот систем на групно абзелување, со брзина на елеватор се спуштивме до доле. По пат имавме прилика да направиме муабет со други качувачи, од кои излезе дека едните дури ни се и цимери во огромната куќа. Кога излеговме од насоката, а излеговме според планот, имавме доволно време за рагледување, а и доволно малку за да качиме уште нешто. Сепак времето не беше залудно потрошено, научивме доста за положбата и состојбата на останите мразеви. Видовме еден доста импресивен мраз, во кои имаше двајца качувачи. Мене таа глетка ме направи љубоморен. И денеска процедурата до дома и низ дома помина исто како и претходниот ден.

Е овоа утро, пак мојот штрајк беше актуелен, и се исплатеше. Не истрчавме толку рано. Утрото го мезевме како што сонцето полека ги мезеше степените на термометарот, како што Ристе си го мезеше намазот со лук, како што Бетовен (кучето-Квазимодо) си ги мезеше бисквитите. Колку што Бетовен имаше заборавено дека е куче, ние така рутинирано излеговме кон новиот предизвик за денот. Тргнавме кон мразевите кои што имавме шанса да ги видиме претходниот за да ни влезат во глава. И тоа како ни влегоа… Круно, Здраве и Жиле влегоа во Mittlerer Maralmfall (WI4+ 200m). Влегоа такви какви што се, а само Круно излезе со нов прекар – Алабаков, во чест на јазолот „Абалаков“. Приказната се развива така што Круно доаѓа до момент каде што мразот е со пропорции на „циганска хартија“ и единствена варијанта е абалаков, Круно го промаши малку, за среќа само името! А ние останите качувавме една насока која што е несомнено поврзана со мојта љубомора. Во принцип не сум љубоморен, ама ме држи додека не си го истерам инаетот. Сега инаетот се преклопуваше со меракот, кон кој што се придодаде и Цеко. Влеговме во насокта што ја видовме претходниот ден со име и опис Vorderer Maralmfall (WI3 – WI5 80m).

Цеко го водеше првиот цуг, од проста причина што не сакам рампи, вторите два ми припаднаа на мене. Целото искуство можам да го опишам едноставно само како Rock&Roll , искуство кое обично се доживува на концерти под дејство на сомнителни супстанци (не сум пробал само сум прочитал, мамо!). Додека ние го доживувавме нашиот рокенрол концерт, Ристе беше доволно љубезен да го докуметира со видео и фото целото качување. На крајот на таа рокенрол доживелица развивме и Македонско знаме…од оваа временска перспектива и не ми е баш јасно зошто…Цеко сакаше дипломатски пасош! За да му кажам фала на Ристе,  но и да го пролонгирам гореспоменатото доживување и ние двајцата влеговме во истата насока кај Круно,  со разлика од едно „алабаково искуство“. В куќи квечерината течеше иста приказна, само што сега куќата замириса на кајгана со пола кило сланина, а за Круно и Жика – само на кајгана…

Мислам дека следнава изрека ми е од партизаните: „Ново утро, нова борба“. Па и да не е, ние си имавме наша „борба“. Ова „борба“ ме наведува да напоменам дека мојот штрајк и ова утро беше залуден. За да има антагонист, мора да има и протагоист, а ова утро од антагонист во приказнава, станав протагонист на самиот себе; сите групно станаа последни! Утрово го истегнавме толку долго, што почна да личи на чаталот на дедо ми Роко. Најадени, напиени тргнавме по добро познатиот пат за да си се закачиме секој на својот мраз. Здравко и Круно за „нивен“ мраз го одбраа Strannenbach (WI2-3, 400m),овој пат десната варијанта. Ги оставивме нив под него, а ние како искусни џаболебари вртевме околу мрзевите додека да се одлучиме како ќе ја запечатиме оваа акција. По доволно долго шпацирање по „лизгалиштето“ се одлучивме за првата насока на Круно и Здраве, Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m), само затоа што Здраве цело време кога ќе му се спомнеше насоката бликаше од ќејфови! Поучени од претходното искуство, кога пристапот беше целосно балванарење, сега тргнавме голи, без дерези кон насоката. Првите проблеми ги имавме во пола насока, кога веќе мораше да се наоружаме во полна спрема. Да добро прочитавте, до пола насока, за неколку дена само толку и остана од насоката.  Не дозволивме тоа да ни го расипе расположените и качивме колку што можеше, го извадивме максимумот, го исцедивме мразот, остана само за во чаша бурбон…

Со тажен поглед како во стар шлагер и полно срце се спакувавме вечерта за на пат, но сега накај дома, дома во Скопје и Штип! Осамно и ова утро, осамнавме и ние пред колите, се поздравивме и изгушкавме со тетката со ветувања за да се видиме догодина пак. А бе испраќање ко испраќање, исто како во летувалиште во Претор или во Шула Мина – Крушево. По пат застанавме и во локалниот Супермаркет да поткупиме нешто за по дома, некое сувенирче…Е да, Жика си го заборави виното кај мене во кола, супер вино! Нејсе. Тргнавме со намера да преспиеме во Загреб, за да ги избегнеме временските (не)услови. Пред Загреб, решивме дека ќе тргнеме нај Белград, па таму да преспиеме. И да, пред Белград решивме дека ќе одиме за Скопје, па таму да преспиеме… Испадна на крај дека временските услови се непогодни за возење само кај нас. А бе дома си е дома!

Во релативно, кратки црти вака некако изгледаше нашето излагање во Австрија. Секако има уште еден цел ферман непишани препирки, случувања, анегдоти, кои останува да се раскажуваат на следната акција, следниот табор, под некоја карпа во скоро време и после многу години…

Фала ви на читањето, поздрав со љубов, Ико.

P.S. Доколку очекувавте или сакате, краток извештај еве ви линк: http://www.macf.mk/index.php/2010-12-02-12-24-56/154-2012-02-20-17-24-13

Камена Баба – Прилеп

Утрото на 6 ноември не пречека навидум обично и облачно, неделно . Тоа не беше според планот затоа што се имавме “договорено” со сонцето да се чекаме некаде кај Прилеп, за да одиме на качување во за мене нов локалитет, Камена Баба. Од Скопје тргнавме јас, Светле, Алек, Круно, Игор, Весна, Александар и Елена, а таму се најдовме и со Охриѓаните.

По околу километар пешачење стигнавме до делот од карпата која има пократки насоки и веднаш се поделивме во наврски. Следува стандардниот дел на размена на опремата,разговори,смеење… и одеднаш мир.

Ги слушам само френдовите на Весна кои тропкаат додека таа тргнува во Овчарски. Едвај дочекав да викне: “Подготви се и тргнувај! “. Најверојатно затоа што до сега никогаш немам пробано качување целосно во чист стил, а можеби и затоа што ми беше многу ладно. Како и да е, карпата ме тераше да испробувам нови варијанти на стандардните движења, да се поставам на начин различен од качувањето на Матка, без проблем да одам на триење, и без страв од одрони. Само цврст гранит. Едноставно карпата ме тера да бидам свесна и присутна, сега и тука.

Потоа следеше краток абзел, насоката Претседателот, пауза за јадење и чај. Токму кога мислевме дека од сонце нема да видиме ни С, се појави баш кога ни требаше – на Sunny Crack. Насоката, во споредба со претходните кои ги качувавме дента, ми изгледаше многу потешко, иако техничката тежина не е повеќе од V – V+. Се состои од сосема нова техника за мене, со заглавување на рацете до лакт во две паралелни пукнатини. Околу, карпата е сосема рамна, без можност за варијанти. Во првиот дел има, како што рече Весна – дрво кое дава отпор, како да си во превис. Сепак, преубава насока, особено погледот од горе на целиот локалитет, кој освен качувачки, веројатно е и археолошки, според знаците кои укажуваа на живот на некоја стара цивилизација.

Изгледот на целото место пред самрак има посебна убавина, дава чувство на исполнетост, прави да не сакаш да си одиш. Тоа и потешките насоки на другата страна од “Камената Баба” се предизвик повеќе да дојдам пак што поскоро.

Ана В.

Галерија:

[nggallery id=6]

Метеори

Ова беше моето прво патување во нашиот јужен сосед. Тргнавме на 1. IV. 2011 заедно со Маја Мухиќ, и попатно ги собравме Зоран Мајсторски и Гоце Јовановски од АК „Плоча“ – Радовиш. Стигнавме вечерта во кампот „Врахос“. Таму се запознавме со еден стар алпинист од Германија кој се викаше Ханс. Тој ни даде два водичи за локалитетот, и собети и информации за изборот на насоките. Утреедента, на 2. IV. 2011 се упативме кон карпата Ambaria, и ја качивме насоката „Südwestkante“ („Југозападен раб“) V, L4, 160 m. Над нас имаше една шпанска наврска. По искачувањето абзелувавме, бидејќи тоа го тамошните карпи, и се упативме кон на насоката „Südwand-Diagonale“ (Дијагонала на Западната стена) V, L7, 250 m. Во вотрата должина водеше Зоран, но се откажа поради претерана ронливост. Подоцна во разговор со ??? тој ни кажа дека таму воопшто не постои никаква насока.

Утредента се упативме кон карпата Heilger Geist, да ја качуваме насоката „Traumpfeiler“ („Столбот од соништата“) V+, L7, 250 m. Насоката има 9 должини, но ние споивме две должини на два наврати. Потоа, Зоки јас се упативме кон карпата Doupiani и ја качивме насоката „Ostkante“ („Источен раб“) VI, L4, 125 m.

Утрешниот ден ни беше последен, и Hans ни ја препорача насоката „Eiertanz“ („Јајцев танц“) VI-, L3, 105 m. Оваа насока не ја качивме до крај, ни остана уште една должина. Тргнавме назад кон кампот и започнавме со птаувањето назад за дома.

Од опрема носевме мал број на комплети, единечно јаже на секоја наврска, и вообичаена опрема. Враќањето назад е со абзелување, па секој нека има предвид колку долго јаже има. На некои насоки има потреба од користење на чокови и френдови, но тоа е ретко, ние имавме потрееба 2-3 пати во текот на сите денови.

Интересно е што карпата на Метеорите е конгломерат, и претставува нешто слично на многу заоблени речни камења залепени во бетон, осигурувањето е на лепени и експанзивни клинови, а нивното растојание варира од тежината. На постарите класични насоки секаде има по еден голем лепен клин, и на сидриштата најчесто е исто. Првите искачувања се правени од страна на германскиот алпинист Дитрих Хасе, кој започнал да работи на опремување на овој локалитет.