ЧЕКОР ПРЕКУ – ДУХОТ ОД ПАТИШКА

Почетокот на овој текст требаше сосема поинаку да изгледа, меѓутоа минатата недела качивме нешто што ќе остане длабоко врежано во нас – сигрно барем во мојата глава. Денот почна рано, со ентузијазам на средношколец за прв школски час, прва смена. Едвај се довлечкав со Партизанот до кај Владо, тој пак, едвај ги смири двете болни мали деца. Релативно касно тргнавме накај селото Патишка Река.

Тргнавме со намера да видиме во каква состојба е големиот мраз, кој се забележува дури и пред селото. Мистичен водопад кој претставува алпинистичка цел на многу генерации алпинисти. Не сакавме да се убедуваме дека ќе го качиме, бидејќи во многу навратаи сме се враќале разочарани. Најчесто не е целосно формиран, или има сериозна лавинска опасност, или пак, воопшто го нема – целосно се стопил од последниот пат кога бил забележан.

Уморни од сите претходни разочарувања, на плеќи си го „земавме” и „средношколскиот” ентузијазам од изутрината. Анализирајќи ги условите, потсвесно баравме објективна причина да се вратиме, дури и пред да стигнеме до подножјето. Волјата и гладта за ова искачување постојано нѐ враќаа во ритам. Во еден таков момент на внатрешна агонија, Владо влезе во дискусија со еден селанец за лавинологија и последните метаморфози на снежната покривка. Тој пак, за да биде што поуслужлив кратко одговори: „Има, има, паѓа да.”

Нејсе, после неколку анализи стигнавме и до самото подножје на мразот. Не беше докрај формран, не беше споен најкритичниот дел. Целиот водопад, и шумата над него беа лавински стабилни и безбедни. Ја ставивме опремата и првата јажева должина ја поминавме соло, до самата вертикала од мраз и карпа. Се наврзавме и јас почнав да качувам.

Почетокот од следната должина во ниту еден момент не делуваше наивно, но ниту пак невозможно. Овој цуг (јажева должина) сепак почнува со превисен мраз во должина од дваесет метри, со оскудни, но безбедни парчиња мраз за „вртење” на ледничките клинови. Во оној момент кога завршува превисот, почнува карпа прекриена со прашкаст снег. После тие пет метри микс качување, следеше прилично незгодно пречење на тенок слој мраз врз снег. Снежната подлога од снегот воопшто не помагаше со нивото на стрес со кое бевме соочени. Конечно, над маркантната, падната елка го направив првото сидриште.

Вториот цуг поминува десно од карпата низ забележителниот столб во оваа должина. Тој столб делуваше како најлогичната и најбезбедната линија. Додека поминував низ него, се откачи едно парче мраз, со големина на тањир и ме удри точно кадешто завршува шлемот. Оттаму е и крвта на моето лице, оттаму оваа насока ќе остане буквално вечно врежана во мене. Генерално, немаше останати потешкотии до следото сидриште.

Владо го водеше последниот технички деликатен цуг, без премногу мака помина преку последната вертикала и направи сидриште во шумата. Тука ја спакувавме непотребната опрема, оставивме само едно јаже од двете, надвор врз ранецот. Сметавме дека мора да се движиме брзо за да излеземе од насоката додека е ден. Па така следните 350 метри ги поминавме ненаврзани. Првите 150 од нив, низ шумата технички се лесни, се движите низ падина од 80 степени, додека вторите 200 се со нагиб од 75 до 85 степени низ карпест дел обраснат со трева. Токму бусените по овој гребен го олеснуваат излезот од насоката.

На крај, денот заврши со нова насока „Духот од Патишка”, бидејќи како дух демнееше сиве овие години и чекаше да биде качен. Конечно, ги погодивме условите кога тоа е возможно. Оценката за оваа насока е TD-,V, M5 WI5/6 – 550m.

Пишува: Илија Циривири АК Матка

Првенствена на Солунска (прва рампа) (опис)

При секоја посета на некој локалитет се трудам да дознаам што повеќе за претходните качувања, што не само ми помага во изборот на опрема и правењето на стратегија туку и полесно го запознавам ако качам некои насоки кои претходно биле качени. Така беше со Нежиловите Стени, и досега качувавме пред сè насоки кои се (колку-толку) уредени. Информациите за Нежиловите стени се најтешки за наоѓање, пред сè поради карактерот на стената, нејзината далечина, ретките качувања, рељефот, и недоволната испитаност на стената, што честопати доведува до недоумици при разговорите со алпинистите. Најчесто кога ќе пристигнеме под стената, немаме доволно време да ја разгледуваме, истото е и кога сме над стената (без разлика дали се враќаме од качување или само сме дошле на планинарење), секогаш не може добро да се согледа теренот, што и донекаде е добро, за да има доволно авантура во качувањето на првенствени (но и претходно искачени) насоки во овој локалитет, бидејќи по сите свои карактеристики, налага сериозен алпинистички пристап како некоја светски позната голема стена.

Поради тоа, долги часови сме разгледувале фотографии и само една линија ни се врежа во главите како релативно логична и едноставна, тоа е првата рампа која започнува десно од Црвениот Столб. Претходно Зоран Мајсторски ја фотографирал во месец март 1999 при обидот за зимско искачување на насоката „Мајсторски-Мурсели 1998“, и на неа имаше доста снег, што укажува дека не би требало да биде многу тешка. Но, (смора да име некое но) на фотографиите се гледаат места со жолто-црвена боја, кои ни изгледаа тешки, и затоа не влегувавме да ја качиме, гледавме некои други линии, и пак ги повторувавме претходно искачените насоки.

По неколку посети на демиркаписката клисура, веќе не можевме да издржиме, а времето, за жал, сеуште е доста топло, па се решивме конечно да се обидеме да ја качиме првата рампа. Фактот дека денот е краток, уште повеќе ја усложнуваше ситуацијата но го правеше предзивикот поголем. Се поклопи и со меморијалното искачување на Солунска Глава „4 алпинисти“ во чест на од лавина загинатите алпинисти Влатко Боцевски, Бранко Ристовски, Огњан Филиповски и Предраг Толмачев. Заедно со Дејан Крле тргнавме од Скопје во 17:00 на 2. XII. 2011, во Велес дојде Зоран и продолживме кон Нежилово. Во „Чеплес“ пристигнавме во 22:00, набрзина каснавме и си легнавме.

Станавме во 2:50, само наполнивме вода и тргнавме кон изворите на Бабуна. Од таму започнавме со пристапот кон Стената, не за првпат во црна темница. Зоки тргна нагоре кон првиот скок на „Ц.С.К.“ и „Воскресение“ и започна да пречи во десно, а јас тргнав нагоре покрај Црвената Кула. Околу 8:00 започнавме со качување, првите две должини ги водев јас. Потоа Зоки, па јас, на едно место каде рамата завршува и застанав за да најдам некоја логика, и фатив од десно, со неколку мали пречења во лево и десно низ слабо изразените жлебови го поминавме ова место кое одоздола ни изгледаше како невозможно. Претпоставуавме дека ќе нè стемни над крајот на рампата, бидејќи чувствувавме дека сме бавни, зашто многу внимававме на безбедноста, која во вака ронлив терен е нешто релативно. Натаму повторно следуваа секции кои беа претерано ронливи, спред искуството на Зоран, поронливо нешто ни на Солунска не видел. Седмата должина ми ја смрзна крвта, изгледа крајно лесно, но со опасна црвена боја, и црвена земја, која едвај ги држи камењата залепени, како некој ѕид од стара селска куќа. Тука никој не би сакал да падне, а места за осигурување немаше никакви.

Стигнав до еден превис, каде едвај стоев на нозе, за раце имав едно големо фаќалиште кое едвај стоеше „залепено“ за карпата.  Неколкупати пробував да направам движење нагоре, но секогаш тоа завршуваше со пцуење, бидејќи сидриштето беше на две недокрај заковани жилетки, а било каков одрон би ме повредил мене  или би скинал јаже. Стоев и размислував, лево од мене имаше уште една логична линија, одделена со тешко ребро, кое не можев да го испречам, забележав една оскудна пукнатина, закајлив две мали жилетки од 3-4 cm внатре, и не влегоа докрај, па ги подврзав. До неа забележав една мала дупка, и во неа заковав еден мал клин од 3-4 cm, и тој не влезе докрај и него го подврзав. Така малку смирен, „отпењав“ малку надолу, каде можев слободно да направам пречка. Таму ме пречека еден камен од 4 m3, но знаев дека веќе нема враќање. Едната страна на каменот беше рамна плоча, 30 cm над неа ронливи превис, така правеа еден тесен камин, и од секое мое движење надолу течеа камења. Некако се измачив, и повторно еден мал превис, стигнав на полесен терен, каде не најдов пукатини за да заковам клин. Продолжив нагоре, додека не стигнав до една мала пештера (добра за бивак). Заковав 4 жилетки, од кои само едната влезе докрај, на нив направив сидриште.

Кога Зоки стигна до мене неколку пати повтори „Луд си!“. Видно вознемирени, застанавме обајцата под пештерата, се напивме малку вода, каснавме малку суво грозје. Зоки ме праша:„Знаеш ли колку е саато?“ – „12:00“ – одговорив. –„Не, 11:00“ ми рече. и му реков на Зоки да води. Еден огромен камен голем колку ранец падна, но ме заобиколи на безбедно растојание, поради што моети сидриште беше во пештерата. Обајцата кажавме дека сме добри, јас кога стигнав кај Зоран, веќе тоа беше крајот на Рампата. Нагоре започнавме по логичниот гребен. По 2 должини најдовме стар клин, а потоа и сидришта со експанзивни клинови, кои се дел од абзелната линија направена во 2005 година при акција на МАА од страна на Бојан Митковски и Дарио Млошевиќ (фала на Бојан за информациите за местоположбата на абзелната линија). На полесен тревнест терен пристигнавме до потешки скокови, околу IV+. Од страна имаше планинари а исто така беше и Дејан кој нè фотографираше. До крај испаднаа 14 цуга, (не сметајќи го делот кој го качувавме ненаврзани), качени за 7:30 часа. Набрзина се спакувавме и тргнавме накај „Чеплес“. Нè стемни дури кога влеговме во шумата. Вечеравме, се дружевме со учесниците на меморијалното искачување, и си легнавме.

Повеќе фотографии и опис на насоката има на сајтот на АК Плоча.

ОПИС

 

Насока: (Првата рампа на Јужната Нежиловска Стена, Андоноски-Мајсторски 2011)

Дата на искачување: 3. XII. 2011 година.

Први искачувачи: Никола Андоноски и Зоран Мајсторски.

Должина: 600 m, 14 должини (цугови)

Времетраење на првото искачување: 7 часа и 30 минути. Од планинарскиот дом „Чеплес“ започнат пристап во 3:00 преку изворите на р. Бабуна. Наврската од стената излезе во 15:30.

Местоположба: Насоката се наога на централниот дел од карпата на првата специфична рампа која дијагонално ја сече Јужната Стена.

Почеток на насоката: Започнува веднаш над Црвената Кула (Црвениот Столб) по специфичен жлеб.

Опис: Насоката започнува со лесни детали од III+ кој на почетокот има мало дрво; во должината е оставено еден клин и еден на сидриштето, исто така и второто јаже со тежина од III+ со качување по карпи и бусени од трева, на сидриштето има еден клин. Третото јаже e за нијанса потешко каде што има оставено еден клин и еден на сидриштето и доста нестабилен терен. Четвртото јаже се качува по тесен жлеб кој е доста нестабилен и нема место за обезбедување оставено еден клин на сидриштето. Петото јаже е должина која се качува во големата специфична дупка која е само еден голем превис овде тежината е III се качува по карпи и бусени од трева на сидриштето има оставено еден клин. Шестото јаже се прави пречка на превис за повторно да се дојде на рампата тежината е V+ во должината има оставено еден клин и еден на сидриштето. Седмото јаже исто така започнува со пречка под превис но овој пат тежината е VI+ и по многу нестабилен терен каде што има многу камени блокови кој едноставно на нашите движења пагаат како вода во безбдната. Под превисот има клин кој е доста значаен на кој се прави мало пречка лево со натегање со што се користи за префрлување во големиот искршен блок, нагоре по ронлив терен мешан со трева (IV+); сидриштето е под големата дупка која е добра за бивак. Осмото јаже е постабилно и по поцврст терен на почетокот тежината е IV покасно таа се намалува. Деветото јаже е нецело и се излегува по лесен терен на гребенот и воедно овде завршува рампата и се пречи благо во десно се оди по специфичен гребен кој води до излез од насоката. Десeтото јаже е од некоја постоечк насока која поминува овде каде што тежината е полесна и наидовме на два алпинистички клина од кој на вториот го направивме сидриштето. Единаесетото јаже исто така е по лесен терен каде што има еден алпинистички клин и се поминуваат два експанзивни клина кој се поставени во 2005 година како абзелна линија, сидриштето е погоре на 15 m од експанзивните клинови каде има еден алпинистички клин. Дванаесетото јаже е полесно и се поминува неколку потешки скокови сидриштето е на два експанзивни клинови. Тринаесетото јаже е со тежина од IV+ се движи на почетокот искршен но компактен дел а покасно се влегува во мал камин каде што има поставено 4 алпинистички клина сидриштето е на два експанзивни клина. Четиринаесетото јаже е нецело јаже и е излез на насоката сидриштето се прави на карпите на тревнастата полица каде има два експанзивни клинови на големо растојание.

Клучен дел: Шестото јаже, превисна многу ронлива секција до поголем превис, пречка во лево, движење огромен на откршен блок, блиску над него превисна карпа, многу ронливо.

Потребна опрема: првите искачувачи понесоа 12 долги гуртни со по 2 слободни карабинера, две долги сидришни замки од 6 m, пар двојни јажиња 50 m, два мали френда кој на два до три моменти беа поставени исто така и на неколку моменти поставивме чокови за осигурување. Понесовме и по 10 клина со различна големина од кој оставивме 10 во рампата, а на излезот на насоката наидовме на 9 постоечки клинови од абзелната линија направена во 2005 година и на 4 сидришта со експанзивни клинови кој се од таа абзел-линијата.

Забелешка: Првиот дел до кулата го поминавме во смул-соло качување по две варијанти од која Никола одеше во директна линија по плочите кој се со тежина од IV+ според UIAA додека Зоран направи пречка од од почетокот на насоката „Централниот солунски кулoар“ кој исто така има тежина од IV. Да се внимава насоката е доста ронлива и пукнатините за обезбедување се минимални и доста плитки.

 

 

Никола Андоноски

„Доверба“ – Првенствена на Матка

Утрото на 25. III. 2011 година, Зоран Мајсторски (АК „Плоча“) и јас Никола Андоноски се упативме кон Маткините Игли. При претходното качување на Иглата Клин (тоа е иглата каде се наоѓаат насоките К1, К2, К3, К4) на соседната игла (иглата каде се наоѓа „Димева“-та насока) забележавме една логична линија. Тоа утро тргнавме со намера да качиме првентвена насока по жлебот, и низ маркатниот таван. Описот и скицата за првентствената насока „Доверба“ може да ги најдете тука. По искачувањето се упативме кон манастирот Св Никола – Шишевски, каде се сретнавме Со Костантин Циривири кој качуваше на „Новогодишен“.

Утредента, 26. III. 2011, планиравме да ги качиме насоките „Пајак“, „Франгов“ и „Панчев“; во еден ден. Овие искачувања ги направивме пред да се стемни. Забелешка: искачувањата не ги направивме слободно.