Мраз и позитивна енергија

Пророштвото на метеоролозите за изминатиот викенд за „најниски“ температури не се исполни, и тоа неколку пати оваа зима. Мразот кој го оставивме минатиот пат во Маврово малку се топеше ама беше добар за работа, но за волја на вистината тој што го имаме мораме да го качуваме, мана на мраз не се наоѓа, особено не кај нас.  Алпинистички Клуб Матка како најголем по бројност на членови беше присутен два дена таму, како дел од тренингот за качувањето во Австрија на мраз оваа зима и работа со почетници на мраз. Саботата појдовме тричлена екипа составена од Здравко (јас), Круно и Ико. Го искористивме подобриот дел од десниот и левиот мраз за качување одма над магистралниот пат каде што поминуваат шлепери со 120 километри на час. Бар прават суперкул ветер за подобро уживање на мразот!
Наредниот ден (Недела) дојдоа скоро сите членови на АК Матка, вкупно на број бевме околу 13 членови, истото го спомнав на една социјална мрежа а ќе го спомнам и овде дека можеби ова беше најголемото качување на мраз во Македонија досега направено, групно и клупски! Се поголемата популација доведува до една позитивна атмосфера и популаризација на алпинизмот во Македонија. Работевме во повеќе групи, напредна и почетници, работа со опрема за мраз, тубуларци, гуртни, работа со алатките за качување мраз (бајли), дерези и нивна поставеност, техниката на качување на мраз итн. Целиот собир беше составен од една група млади и талентирани алпинисти на кои допрва им следуваат успесите во качувањето. Квалитетот, искуството и ентузијазмот кој владее во македонскиот алпинизам и алпинистичката заедница е мотивација која ќе придонесе до врвни резултати и предизвици.

Здравко Спасев